Британскиот премиер Борис Џонсон игнорираше денеска новинарско прашање околу видео снимка на која наводно тој, францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Џастин Трудо го коментираат однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во медиумите денеска се појави видео снимка на која наводно се гледаат Трудо, Макрон, Џонсон, холандскиот премиер Марк Руте и британската принцеза Ана како разговараат во Бакингемската палата, а се слуша како Трудо, по повод долгата прес-конференција на Трамп, вели: „Токму сега видовте како им паѓаат вилиците на неговиот тим“.

– Навистина не знам за што станува збор. Тоа е комплетна глупост и не знам од каде доаѓа, истакна Џонсон.

Новинари го прашаа и Трудо да даде свој коментар за видео снимката, на што тој одговори дека има добри односи со Трамп. Тој објасни дека тие не се шегувале на прес-конференцијата која вчера ја одржа Трамп, туку на локацијата каде што ќе се одржи следниот самит на Г7, а тоа е Кемп Дејвид, службеното одморалиште на американскиот претседател.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2019 23:01