Имаме задача да ги чуваме депозитите на нашите граѓани. тоа го правиме од 1997 година кога сме основани. Оттогаш имаме направено 11 исплати на обесштетувања на 21 илјада штедачи во износ од 1,5 милијарди денари.

Ова го порачува директорот на Фондот за осигурување депозити Борче Хаџиев кој ја презентираше работата на Фондот, а во насока на збогатување на нивното знаење како идни сопственици на сериозни сметки.

Фондот за осигурување функционира 22 години. Формирано по случувањата со заробување на девизите на граѓаните со распадот на поранешната држава и по пирамидалното штедење. Во Фондот членки се 14 банки и две штедилници, а средствата што фондот ги наплаќа од своите членки ги инвестира во нискоризични државни хартии од вредност.

Фондот, посочуваат оттаму, претставува еден од главните столбови на финансиската стабилност во земјава. Депозитите на домашни и странски физички лица се осигурани. Обесштетувањето се врши во максимален износ од 30 илјади евра, а се опфатени денарски и девизни депозити, сертификати за депозити, трансакциски сметки, депозити врзани за парични картички и девизни приливи на физичките лица.

Од Фондот појаснија дека не се обесштетуваат депозити со привилегирани каматни услови, депозити на сопственици над пет отсто од акциите на банката, депозити на членови на органите на управување на банката и нивни роднини од прв степен и депозити врзани со трансакции со кои се вршело перење пари.

Обесштетувањето се врши при затвоарање на банка или штедилница кога гувернерот на Народната банка ја одзема дозволата за работа, а граѓаните се информираат преку медиумите. Вакви обесштетувања Фондот досега има направено 11 пати.

Директорот потенцира дека исплатата се врши брзо и тоа во рок од 20 календарски дена од денот на затворање на банката или штедилницата, а исплатата се врши во денари.

Податоците покажуваат дека во банките се чуваат 4,46 милијарди евра депозити. Тие се значен извор на банките за финансирање, но и граѓаните се уште имаат интерес да ги чуваат во банките и поради безбедност, но и добивањето камата, која е поконкурентна во однос на регионот и во европските земји.

Во земјава, исто така, се уште не се оданочуваат каматите од депозитите. Со последните промени се одложи оданочувањето до 2022 година, кое требаше да стартува од 1 јануари 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2019 12:13