Активностите на Делегацијата на германското стопанство, поддршката која ја дава Делегацијата на германските компании кои сакаат да се етаблираат на македонските пазар, како и македонските компании кои сакаат да влезат на германскиот пазар со своите компании или услуги, беа тема на разговор на средбата меѓу директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс и заменик министерот за економија Кирил Колемишевски.

Мартенс, како што информираат од Делегацијата на германското стопанство, говореше за редовните средби на претставниците на гермaнски, македонски и други интернационални компаниите со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кои, како што посочуваат, служат за изнаоѓање на заеднички решенија со цел подобрување на состојбите во стопанството.

Посебен акцент ставил на успешниот проект за дуалното стручно образование кој втора година по ред по германски терк го спроведува Делегацијата.

-Дуалното стручно образование е застапено во пет градови, пет технички училишта и 10 компании. Веќе 135 ученици во земјата се решија за овој модел на едукација, рекол Мартенс.

Колемишевски, пак, информирал дека Владата презема активни мерки за да го намали одливот на работоспособен кадар. Исто така, посочил, дека е направена реформа за средно образование, која ќе го подигне нивото на средното стручно образование и ќе произведува кадар подобро подготвен за пазарот на трудот.

Тој покажал интерес за конкретните барања на компаниите и сферите во кои постои најголема потреба од поддршка и споделил со Мартенс дел од планираните мерки за 2020 година кои се наменети за подобрување на стопанството и конкретна поддршка на стопанствениците.

Двајцата како исклучително важна ја оцениле потребата од навремено информирање на компаниите доколку се планирани одредени законски измени и нивно вклучување во процесот на изработка на законите. Според нив, само на тој начин ќе се преземат соодветните мерки и ќе се донесат оптимални законски одредби.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2019 13:45