Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече канадскиот премиер Џастин Трудо „дволичен” по што тој призна дека вчера, заедно со дел од светските лидери го озборуваале Трамп, што беше регистрирано на камера за време на настан во Бакингамската палата.

На снимката која стана вирална, британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот претседател Емануел Макрон, Трудо и холандскиот премиер Марк Рут го исмејуваат однесувањето на Трамп за време на самитот, но ниту еден од лидерите не го именуваше во некој момент Трамп.

– Синоќа се осврнав на фактот дека имаше непланирана прес-конференција пред мојата средба со претседателот Трамп. Бев навистина среќен што сум дел од неа, но секако тоа беше впечатливо, изјави Трудо за време на вчерашната прес-конференција.

Трудо посочи дека не е загрижен за влијанието на неговите коментари врз американско-канадските односи, но Трамп изреагира налутено нарекувајќи го „дволичен”, пред да додаде дека претходно „му изгледал на добро момче“, откако новинарите го замолија да ги прокоментира наводите дека Трудо, Макрон и Џонсон, го озборувале.

– Тој е дволичен. Ми изгледаше како фино момче, но искрено да ви кажам, кога го прозвав за фактот дека не издвојува два отсто за одбраната, гледам дека не бил среќен поради тоа. Тој не дава два отсто, а треба. Канада има пари, рече Трамп.

Трамп вчера организираше ручек за таканаречените според него ‘два отсто’, односно за девет од вкупно 29 лидери на земјите членки на НАТО, кои издвојуваат по два проценти од буџетот за потребите на Алијансата. Агенциите наведуваат дека овој потег на Трамп е казна за другите членки на Алијансата кои не одвојуваат толку за одбраната.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2019 15:51