Руската државна компанија за нуклеарно гориво го суспендира заедничкиот истражувачки проект со Иран заради одлуката на земјата да продолжи со збогатување ураниум.

Компанијата ТВЕЛ, што произведува компоненти за нуклеарно гориво, денеска соопшти дека одлуката на Иран да продолжи со збогатување ураниум во простројката Фордо оневозможува таа да се претвори во фабрика за производство на радиокативни изотопи во медицински цели, пренесоа американските медиуми.

Во соопштението се напоменува дека збогатувањето ураниум е технолошки неспоиво со производството на такви изотопи. Компанијата предупреди дека Иран ќе мора да ги расклопи центрифугите што се користат за збогатување ураниум и да го деконтаминира просторот за да продолжи медициснкиот проект.

Иран се согласи да запре со збогатувањето ураниум, според договорот со светските сили од 2015 година, но продолжи со овие активности од минатата година кога САД унилатерално се повлекоа од договорот и воведоа нови санкции кон земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2019 19:46