На иницијатива на Народната банка ќе се подготвува Национална стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот кај нас. Заради нејзино успешно спроведување ќе се преземат и низа нови, заеднички активности на финансиските регулатори за овозможување поддршка на давателите на финансиски услуги, со цел тие да можат соодветно, без ризици да воведуваат и да применуваат иновации во нашиот финансиски систем. Оттука, веќе се презедоа повеќе конкретни чекори, од кои еден е и неодамна отворената Порта за иновации преку која повеќе компании веќе контактираа со Народната банка во врска со развојот и примената на иновациите во областа на финансиските услуги и производи.

Ова беше посочено на почетокот на Работилницата посветена на финансиските технологии, што денеска ја организира Народната банка, со поддршка од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ).

Работилницата, како што соопшти Народната банка, ја отвори гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која рече дека бројните можности што ги нудат финансиските технологии можат значајно да придонесат за намалување на трошоците за корисниците на финансиските услуги, како и за зголемување на ефикасноста и конкурентноста на давателите на овие услуги.

– Особено важно е што ќе овозможат и поголем спектар на финансиски услуги кај нас и ќе можат да придонесат за полесен пристап на граѓаните и корпоративниот сектор до услугите. Придобивките за нашата економија би биле многу значајни, иако целосното исползување на придобивките од финансиските иновации не е краткотраен процесм рече гувернерката.

Таа додаде дека примената на иновации и ползувањето на технолошкиот напредок во финансиската сфера може да придонесе за остварување посилен економски раст и за негова поголема инклузивност, со што би забрзал и процесот на реална конвергенција на нашата економија со европската.

– За малите економии, како што е нашата, финансиските иновации можат да имаат важна улога и во олеснувањето на трговската интеграција. Посоодветните и поевтини инструменти за дигитални плаќања можат да претставуваат основа за олеснување на процесот на прекугранична трговија, вклучително и за побрз развој на електронската трговија. Постои широк консензус дека малите економии не може да бидат побогати без да се зголеми нивниот извоз и без да се продлабочи нивната интеграција во меѓународните економски текови. Со активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот кај нас ќе се поддржат и забрзувањето на нашиот извоз и нашата поголема интегрираност во меѓународната економија, рече Ангеловска-Бежоска.

На работилницата учествуваат претставници на сите регулатори на нашиот финансиски систем. Предвидено е преку интерактивна заедничка работа во групи, тие денес да анализираат повеќе важни прашања коишто би требало да бидат опфатени со Националната стратегија. Работилница е дел и од активностите на Народната банка што ги спроведува во овој период во согласност со подготовката на новата законска регулатива за платежни услуги што ќе создаде услови за поголема конкуренција и подобри услуги за граѓаните и корпоративниот сектор во делот на платежните услуги.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2019 23:25