Градот Скопје заедно со Министерството за образование и наука и претставниците на УСАИД и ОБСЕ, како и Македонскиот центар за граѓанско образование денеска ја претставија завршницата на проектот за интегрирано образование, односно за изведување заедничка настава на деца кои редовната настава ја посетуваат на различен јазик.

Во учебната 2018/2019 година, заедничките часови се реализирале во четири средни стручни училишта во Град Скопје – СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“. Оваа учебна година се вклучиле и две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.

Целта на заедничките часови во редовната настава во кои учествуваат млади од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализирале над 700 заеднички часови во кои учествувале над 450 ученици.

Идејата, како што рече денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на промотивниот настан „Заеднички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици во градот“, е во сите училишта во текот на наредните пет години да вклучат што е можно поголем број ученици.

Тој посочи дека запознавањето едни со други ќе овозможи да се надминат стереотипите и во целост да заживее концептот на „Едно општество за сите“. Од тие причини, информира Шилегов, Град Скопје ја усвои Стратегијата за интегрирано образование што треба да се имплементира во наредните пет години.

– Конечно да успееме наместо делење на децата по национална основа во различни смени и училишта, образовниот процес во средните училишта во нашиот град да се одвива заеднички без оглед на тоа на кој наставен јазик децата го изучуваат образовниот процес. Ова за мене не е амбициозна програма, туку е неопходност што како држава и општество мора да ја спроведеме, рече Шилегов.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, рече дека со конретни чекори даваат придонес во зајакнување на меѓуетничката толеранција и интеграција и во областа на образованието.

– Ова е еден наш голем прироритет кој е предвиден и во новиот Закон за основно образование.При креирањето на образовните политики и практики неретко се соочуваме со ситуации во кои треба да се донесат храбри, но вистински одлуки. Токму таква беше и оваа одлука, односно активност за одржување заеднички часови во редовната настава со учениците кои учат на различни наставни јазици. Градењето на едно општество за сите заедници и негувањето хармонични односи кои се темелат на почитување на различностите се всушност меѓу основните начела и во новиот Закон за основно образование, рече Адеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2019 18:27