Владата на денешната седница донесе решение да се укине Законот за трговија на зелените пазари, што беше донесен на иницијатива на повеќе пратеници во јануари 2018 година и имаше одложено дејство и требаше да стапи на сила од 1 јануари 2020 година.

Анализите на Министерството за економија, како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши, покажале дека од законското решение ќе имаат штета сите, а особено пазарџиите поради што е предложено негово укинување. Одлуката на Владата ќе биде доставена до Собранието и се очекува по скратена постапка да биде поништено законското решение.

Во меѓувреме, како што рече Бектеши, Министерството ќе изготви нов закон во консултација со сите засегнати страни во кои ќе бидат вметнати забелешките на пазарџиите.

– Анализата на одредбите покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари што генерално ќе се одрази на сметковниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека поради тоа се оценило дека е потребно овој закон да престане со важност.

Според најавите од министерот Бектеши, се очекува на почетокот на наредната година да биде донесено ново законско решение за трговија на пазарите на зелено во консултација со сите засегнати страни – трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазари и државните институции.

– Тоа ќе го направиме со цел во наредниот период да изготвиме законско решение кое ќе биде вин-вин ситуација за сите засегнати страни, посебно за продавачите на зелените пазари. Ако ги утврдиме сите отворени прашања со засегнатите страни тоа ќе биде донесено некаде на почетокот на наредната година, рече Бектеши.

Досега според законското решение за кое се предлага укинување нема издадено ни една лиценца. Токму најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа за висината на надоместокот за лиценцата и обврската само една комора да ги доделува лиценците, како и на пензионерите да не им биде дозволено да продаваат на зелените пазари. Во новото законско решение, како што најави Бектеши, ќе бидат вклучени сите комори за да можат да вршат контрола врз продажбата и функционирањето на зелените пазари, а со организаторите на пазарите ќе биде утврдена и цената за надоместокот што го плаќаат пазарџиите. Воедно, ќе биде тргната одредбата за пензионерите која, како што кажа, беше преземена во претходното законско решение од другите закони со кои се уредува начинот на кој пензионерите можат да работат и во кои дејности можат да работат дополнително.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2019 23:34