Кум бадникар за 2020 година ќе биде претседавачот со Собранието на Стопанската комора и претседател на бордот на Ултра доо/Унет доо Скопје, Антони Пешев, а здравичар за Бадник ќе биде архитектот и раководител на Одделот за документација, конзервација и изложбена дејност во Музејот на Македонија, Климе Коробар, кој се занимава со културните случувања и промоција на културата на Скопје. Тие денеска беа промовирани на прес-конференција на Здружението на граѓани Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје.

– И годинава ќе направиме убав Бадник, најави членот на Одборот за традиционална прослава на Бадник, Мојсо Мојсовски.

На прес-конференцијата присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, кој им честиташе на кумот и здравичарот за нивниот избор. Потенцира дека традицијата трае повеќе од 20 години и додаде дека го радува што не само повозрасните, туку и се повеќе млади луѓе се вклучуваат во одбележувањето на Бадник.

Претседателот на Здружението, Ангел Георгиевски посочи дека на 22 декември напладне во месноста Краста на падините на Водно традиционално ќе се сечат бадникови гранчиња, кои на 6 јануари во 11 часот пред Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ кога ќе започне одбележувањето на Бадник, ќе им бидат поделени на граѓаните.

Здравичарот Коробар рече дека Здружението веќе 28 години ја негува традицијата, која, како што посочи, е столб на културниот идентитет на македонскиот народ.

– Нека Новата година и Бадник донесе Македонија да исплива од овие матни води, за да имаме среќни и насмеани граѓани, да се надминат разликите кои постојат и да има разбирање меѓу луѓето, додаде Коробар.

Кумот Пешев истакна дека 2020 година е престапна година, а тоа што го прави малку повеќе среќен од сите претходни и идни кумови на Бадник, е што ќе биде кум на Бадник еден ден повеќе од сите нив. Тој на 6 јануари по одбележувањето на празникот пред Соборниот храм со пајтон ќе замине со преодниот ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, поздравен од своите сограѓани.

По завршувањето на прес-конференцијата, Миле Сирма, резбар потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци, подари дрворез за бадникарите, што го прими претседателот на Здружението, Георгиевски



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2019 15:12