Две милијарди долари директни инвестиции и преку 15.000 вработувања, е актуелниот биланс од присуството на турските компании во земјава. Трговската размена меѓу Македонија и Турција изнесува 500 милиони долари, што не е доволно и нема да застанеме тука. Нашата цел е да достигнеме најмалку една милијарда долари, рече престедателот на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемоски, по повод јубилејот – 10 години постоење.
На синоќешниот прием во хотелот „Хилтон дабл три“, Адемоски истакна дека со својата работа, искуство, залагање, применети стандарди и капитал, турските компании директно придонесуваат и ќе придонесуваат за унапредување на македонската економија.
– МАТТО им овозможува на турските и македонските компании да се отворат кон пошироките пазари. Ние сме активен партнер во приватниот јавен дијалог, имаме активна улога во трансформацијата на локалната економија и придонесуваме за полнење на државниот буџет, како и во регионот и пошироко. Придонесуваме многу и во хумани цели, даваме стипендии на средношколци и студенти кои студираат на нашите факултети. Со гордост можеме да се пофалиме дека до денес МАТТО има стипендирано околу 208 студенти и средношколци, нагласи Адемоски.
Пред приемот на кој меѓу бројните гости беа и претседателот на Уставниот суд, Салих Мурат, министерот за земјоделство, Трајан Димковски, заменик-амбасадорот на Турција, Умут Лутфи Озтурк, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, политичари, претставници од бизнис заедницата, претставници на турските и локалните организации и институции во земјата, беше прикажан видео-материјалот подготвен по повод десетгодишнината на МАТТО.