Бизнисите влијаат на човековите права без разлика каде се и какви се поединостите на нивното работење. Тие имаат одговорност да ги почитуваат човековите права во сите сегменти од своето работење. Компаниите кои само декларативно се придржуваат кон овие обврски, ризикуваат да изгубат бизнис.

Тоа беа дел од пораките упатени на Денот на одговорни бизниси што се одржа денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите на кој компаниите „Алкалоид“, „ЕВН“,„Интер Партес“, „Novomatic group of companies МК“, „Прилепска Пиварница“, „Фармахем“ и „Цементарница УСЈЕ“ добија признание за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот.

– Наградата ја воспоставивме за да укажеме на значењето на почитувањето на човековите права во бизнисот и да ја зајакнеме посветеноста на нашите компании во оваа насока. Очекуваме воспоставените критериуми да им укажат на компаниите како поефективно да ги насочат своите политики и практики за да се усогласат со Водечките принципи за бизнисот и човековите права на ОН и со Целите за одржлив развој, рече Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

На Денот на одговрни бизниси беа доделени и признанија за спроведување на Mamforce Standardot како алатка за родова рамноправност и тоа на компаниите Коузон, Фармахем, Реплек, Овејшн и Лион од Свети Николе. Стандардот е алатка за родова еднаквост и на компаниите им овозможува да ги надградат практиките во доменот на семејната одговорност.

– Меѓународните истражувањата покажуваат дека жените се недоволно застапени на пазарниот труд, ги нема на менаџерските позиции и покрај тоа што се образовани, што значи дека како општества губиме неискористен потенцијал. Економските анализи покажуваат дека до 2050 година, доколку се имплементираат стратегии кои тргнуваат од родовиот елемент, БДПто на ЕУ ќе се зголеми За 9,6 отсто, истакна Диана Кобас Дешкович, иницијаторка на проектот Mamforc.

Денот на одговорни бизниси е активност во рамки на проектот „Поттикнување на принципите за бизнис и човекови права“ финансиран од Европската Унија. Го спроведува здружението Конект во партнерство со Бизнис конфедерацијата и во соработка со „Мрежата на Глобалниот договор на ОН во Северна Македонија”.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2019 15:57