Општина Карпош ќе организира повторна Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј03, блок 7, за делот околу Трнодол.

По тој повод, градоначалникот Стефан Богоев денеска одржа брифинг со новинарите, со цел да го објасни претстојниот процес, измените и да се спречат лажни информации и злоупотреби околу постапката на донесување на овој ДУП.

• За прв пат при носењето на некој детален урбанистички план во Карпош, Повторната Јавна анкета ќе трае подолг временски период и по завршување на работното време на општинската администрација. Имено, Јавната анкета ќе се одржи од 13.12.2019 година до 27.12.2019 година, секој работен ден, од 08:00 до 18:00 часот, во УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ (ул. „Стрезово“ бр.7). Иако законскиот минимум за повторна јавна анкета е пет дена, согласно член 35, став 13 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, овој пат, истата ќе трае 11 дена. Целта е да се овозможи транспарентен и отворен процес, при што ДУП – от ќе биде изложен за граѓаните и по завршување на работното време (до 18:00 часот).

Пред новинарите, Богоев напомена дека во изминатиот период имал средба со засегнатите граѓани од Трнодол, кои на првата јавна презентација изразија сомнежи за овој урбанистички план. Имено, прифатени се сите суштински забелешки на граѓаните, а како што се предвидуваше и претходно, Предлог ДУП – от овозможува правилен и рамномерен развој на овој дел од Карпош. Јавната презентација ќе се одржи на 17.12.2019 година, од 15:30 часот, во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“ (ул. „Стрезово“ бр.7).

• Целосно се заштити делот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, т.н. „чатал“, кој ќе биде со намена Д2 – заштитно зеленило. Овој дел претходно беше со намена Д1 – парковско зеленило. Тоа значи, дека на ова место ниту била планирана ниту ќе има зграда.

Исто така, се обезбедува трајна заштита и на големиот број канали кои се среќаваат тука и тие добиваат намена Д2 – заштитно зеленило. Ќе се добие нов парк, како што беше ветено и во изборната кампања на Богоев.

• И претходно, но и сега, со овој Предлог ДУП се спречува т.н. „дебармаализација“ на Трнодол. Ќе се ограничи бројот на станбени единици за намена А1 (домување во станбена куќа), на четири станбени единици, додека важечкиот ДУП за Трнодол овозможува неограничен број на станови.

• Во врска со висината на објектите која со Предлог деталниот план е предвидена 10.20 м со катност од П+2+Пк, постигната е согласност за задржување на постојната висина од 7.40м со висина П+1+Пк, според постоечкиот детален урбанистички план. За делот од населбата каде постоечката висина е веќе 10.20 м со катност од П+2+Пк, претставниците од Општината предложија истата да се намали со Предлог Деталниот урбанистички план, доколку биде обезбедена согласност од сите сопственици кои имаат претходно стекнато право со поголема висина.

• Исто така, со цел поголема сигурност и безбедност на граѓаните, при реализација на Деталниот урбанистички план, во посебните одредби ќе се обврзат да изработат соодветни геомеханички испитувања и притоа да обезбеди согласност од Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Богоев истакна дека е завршено времето кога ДУП- овите во Карпош се носеа за време на празници, далеку од очите на јавноста, додека граѓаните се на работа или за време на летните одмори. Оваа постапка ја потврдува заложбата на Општината, овие урбанистички документи навистина да се носат заеднички и да бидат по мерка на граѓаните, а не во интерес на урбаната мафија.

Соопштението за организирање на Повторна Јавна презентација и Јавна анкета ќе биде објавено во два дневни весници („Вечер“ и „Коха“), на веб страната на Карпош, социјалните мрежи и ќе биде објавено на видливи теренски места за кои се однесува Предлог ДУП – от. Исто така, на веб страната, граѓаните покрај графичкиот ќе можат да видат и текстуален дел од планот.

На денешниот брифинг, градоначалникот Богоев посочи дека Општина Карпош е во финална подготовка на анкета, граѓаните да одлучат дали се за регулација на паркирањето. Прво ќе бидат опфатени урбаните заедници Карпош 1 и Карпош 2, а анкетирањето ќе се спроведе теренски (по домаќинства).

До Општината пристигнале поголем број на петиции од граѓани и заедници на сопственици, со цел да се регулира паркирањето.

Локалната самоуправа соработува со ЈП „Градски паркинг“, со цел да се понуди решение, со кое за резидентите паркирањето би останало бесплатно (за едно, две и три возила). Со регулацијата на паркирањето, ќе се исцртатат дозволените места за паркирање, ќе се ослободат голем дел од тротоарите и зелените површини, и ќе се создадат полесни механизми за санкционирање на непрописно паркираните возила. Доколку постои интерес и од други урбани заедници, Општината ќе продолжи со спроведување на анкетата.

На самиот крај од денешната средба со новинари, стана збор и за спортската сала „Партизан“. Имено, на вчерашната седница на Влада, овој култен спортски објект се додели во владение на Карпош, како резултат на Иницијативата на локалната самоуправа за враќање на салата во функција на спортот.

Богоев напомена дека трајно се заштити еден значаен јавен простор, за кој постоеше опасно да „прерасне“ во нова зграда.

Општината веќе има два предлог идејни проекти (добиени во соработка со граѓанската организација „Културно ехо“), а Агенцијата за млади и спорт предвидува реконструкција на објектот во 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2019 17:35