Со новите активности за воспоставување зелен катастар на Општина Кисела Вода ќе бидат опфатени јавните зелени површини во урбаните заедници Цветан Димов, Бирарија и дел од Кисела Вода.
Се работи за околу 1400 дрвја кои ќе влезат во зелената лична карта на Општината.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, целта на овој проект е подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и заштита на животната средина.
– За секое регистрирано дрвце ќе има податоци за степенот на апсорпција на штетни материи преку утврдените индикатори на штетност, неговата старост, потенцијалната опасност и потреба од сеча, а ќе се утврди и можноста за засадување на нови дрвца. И овие информации, како и претходно поставените кои се однесуваа на зеленилото во училиштата и градинките, ќе бидат поставени на официјалниот Катастар за зеленило кој ќе биде достапен и на официјалниот веб портал на Општина Кисела Вода. Активностите за надополнување на содржините ќе продолжат и во текот на наредната година.