Компаниите од Македонија малку ги искористуваат средствата што им се нудат од европските фондови, но доколку бидат поактивни и поинформирани, во земјава може да влегуваат годишно од половина милион до една милијарда евра како поддршка за бизнисот и економијата, беше истакнато на денешниот бизнис форум посветен на европските фондови и програми за економски развој.

Од невладината организација „Обединети бизнис клубови“ од Бугарија, која го организираше денешниот настан во Скопје, велат дека малите и средните претпријатија се најважните економски чинители во општеството кои претставуваат над 90 проценти од бизнисот во една земја и оти искористувањето на европските фондови и програми е многу важно, како за нивниот развој, така и за економскиот развој на државата.

– Засега малку претпријатија од Северна Македонија ги искористуваат европските фондови. Компаниите треба да знаат дека има и европски фондови и програми кои се управуваат директно од Европската комисија во Брисел и оти можат директно да аплицираат за овие програми, но исто така и за програмите што се управувани на национално ниво како што се ИПА и ИПАРД, изјави Веселин Халачев, претседател на „Обединети бизнис клубови“.

Условите за искористување на средства од европските фондови и програми, според Халачев, не се толку тешки и сложени, а, како што вели, во Европската комисија се размислува да се олеснат условите за следниот период од 2021-2017 година.

Според бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, двете држави треба да го искористат претседавањето со Берлинскиот процес и да привлечат што поголем интерес од Брисел кон регионот и кон двете држави.

– Се уште имаме проблеми како што се железницата, автопатот и гасоводот и треба да направиме се што е возможно за бизнисот меѓу двете држави да биде добар, изјави Ангелов.

Целта на денешниот настан е да се информираат бизнисмените од земјава за можностите што ги нудат европските фондови и програми.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/12/2019 19:21