Зголемен број претставки за вознемирување на работното место се евидентирани годинава. До канцеларијата на народниот правобранител заклучно со ноември се поднесени 24 претставки, што е трикратно зголемување во споредба со лани, кога имало само осум претставки по оваа основа. Информациите од Основен граѓански суд Скопје до кои дојде МИА покажуваат дека се евидентирани вкупно 12 предмети по оваа основа, од кои три се решени, а останатите се во тек.
– Споредбено со 2018 година, кога биле евидентирани седум предмети со бараната основа, во 2019 година е евидентно зголемување на бројот на предметите со основа мобинг, велат од Основен граѓански суд Скопје за МИА.
Ова покажува дека работниците сè повеќе стануваат свесни, го препознаваат и го пријавуваат мобингот, но од друга страна засегнатите во оваа проблематика укажуваат дека има одредени проблеми при имплементацијата на Законот за заштита од вознемирување на работното место. Според нив, решавањето на оваа негативна појава бара сериозен пристап од сите чинители во општеството, а мора да се работи и на планот на едукација на работниците за остварување, унапредување и заштита на нивните права.
– Психичкото вознемирување на работното место претставува кршење на основните човекови права загарантирани со највисоките прописи во Република Северна Македонија кои се темелат врз меѓународните стандарди. Тоа е негативна појава на работното место која има последици врз физичкото и менталното здравје на работниците, а истовремено влијае врз семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата. Психичкото вознемирување на работното место, како широко распространета негативна појава, бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување, велат од Сојузот на синдикати, кои беа и иницијатори за донесување на Законот во 2013 година.
До правната служба при ССМ во првата половина од годинава било пристигнато само едно обраќање, кое е решено спогодбено, но она што е специфично е дека евидентираат зголемен број поплаки од работници кои не се членови на синдикатот.
– Правниците на ССМ во седиштето во Скопје и во регионалните синдикални претставништва и синдикални канцеларии ги преземаат сите законски дејства и постапки за заштита на работничките права на своето членство. Карактеристично е тоа што во ССМ има голем број обраќања во врска со вознемирување на работнoто место, но од лица кои не се членови на синдикатот. Овие податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчестo се случува во средини каде што работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права, истакнуваат од ССМ во одговорот што го побара МИА.
Во 2013 година, кога стапува во сила Законот за заштита од вознемирување на работното место, ССМ евидентира осум обраќања врз основа мобинг, а веќе следната година седум обраќања. Во 2015 година во ССМ имало три обраќања, во 2016 година едно обраќање, додека во 2017 и 2018 година до ССМ не пристигнало ниту едно обраќање од член на синдикат за мобинг.
– Во некои случаи се изготвени обраќања до работодавачот и до лицето кое е посочено како вршител на вознемирувањето, во три случаи се изготвени тужби, а во еден случај е водена судска постапка, која е негативно завршена. Во дел од случаите проблемите се надминати спогодбено по пат на разговор и советување со учество и посредништво и на синдикалните претставници на ССМ, информираат од Синдикатот.
Позитивно решен судски спор за мобинг, поттик за работниците и предупредување за моберот
Првата пресуда за мобинг во Македонија е донесена во 2016 година. Тужителот беше лице вработено во институција од јавниот сектор, подложен на мобинг правен со повеќе дејства и од страна на повеќе лица. Мобингот му бил правен така што не му бил даван годишен одмор, бил ставен во изолација, не му биле давани работни задачи, а еден период не му бил даван ниту електронски пристап до информации ниту, пак, бил испраќан на обуки. Сите овие факти биле докажани во постапката, која резултира со првостепена пресуда во корист на тужителот.
Во Основниот граѓански суд Скопје беше донесена и првата пресуда за мобинг против судија, односно претседател на суд. Имено, Граѓанскиот суд одлучи дека поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1 – Скопје, Владимир Панчевски, вршел мобинг врз вработениот во човечки ресурси Горан Стаменковски.
Експертите сметаат дека судскиот спор решен во корист на работникот врз кој е извршен мобинг е доволен поттик за останатите работници кои се жртви на мобинг да ги побараат своите права, а од друга страна, пак, решените судски пресуди во корист на жртвата на мобинг би ги одвратиле лицата кои вршат мобинг од ваквите дејства.
Во Европа највисока отштета за мобинг – 800 илјади фунти
Највисоката отштета за мобинг исплатена во Европа изнесува неверојатни 800 илјади фунти. Имено, извесна Хелен Грин од Велика Британија ја тужела „Дојче банка“ бидејќи на работното место четири години преживувала мобинг од нејзиниот претпоставен Ричард Елистон и уште од четири нејзини колешки.
Високиот суд во Лондон пресудил дека таа претрпела малтретирање на работното место, па затоа фирмата во која работела треба да ја обесштети за 800.000 фунти. Судот одлучил дека банката не презела ништо за да се спречи психичкото вознемирување на вработениот, па затоа целиот товар паѓа на компанијата заедно со сите судски трошоци.
Веднаш по пресудата, од банката се изјасниле дека ќе ја почитуваат судската одлука и ќе ѝ ја исплатат отштетата на Грин. Таа останала и понатаму на своето работно место во Секретаријатот за поделба на работата, во седиштето на „Дојче банка“ во Лондон.
Мобингот предизвикува и здравствени последици
Мобингот е широко распространета појава, која остава здравствени и психолошки последици кај лицето жртва на мобинг. За жал, луѓето честопати не се свесни дека се жртви на мобинг и им е потребно многу време за да сфатат. Затоа, според синдикатите, од голема важност е превенцијата, односно едукацијата, со цел работниците навреме да ги препознаат видовите и облиците на мобинг.
Пред жртвата на мобинг се неколку опции на дејствување. Најпрво треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува, да му укаже дека неговото однесување е несоодветно и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Доколку нема резултати, жртвата може да поднесе писмено барање за заштита од вознемирување на работното место, а доколку и тоа не даде плод, тогаш има можност своите права да ги бара низ судска постапка.
Последиците од мобингот се одразуваат врз здравјето на жртвата, па така таа почнува да чувствува хроничен замор, незадоволство, се повлекува во себе, има несоница, станува пречувствителна, плашлива, а се појавуваат и хипертензија и кардиоваскуларни заболувања.
Мобингот може да биде хоризонтален, вертикален и стратегиски. Првиот се случува кога еден или цела група работници кои се на исто хиерархиско ниво поради завист, љубомора или внатрешни проблеми одбираат еден работник на кого му докажуваат дека се силни и способни.
Вториот тип мобинг е кога претпоставениот малтретира еден работник или цела група или, пак, кога група работници малтретираат еден претпоставен.
Стратегиски мобинг е кога претпоставените во фирмата организирано мобираат одредени вработени кои се непожелни за да ги принудат самите да дадат отказ од работа.
Билјана Анастасова-Костиќ