Поттикнување на соработката меѓу Црвениот крст и партнерските организации за воспоставување одржливи партнерства, обезбедување проектна поддршка за општествено социјални програми за подобрување на квалитетот на животот на ранливите категории во заедницата, како и поттикнување на свесноста за поголема општествена одговорност на бизнис секеторот, е целта на денешниот Партнерски состанок што го организира Црвениот крст.

Од Црвениот крст потенцираат дека концептот на општествена корпоративна одговорност, за кој до неодамна се сметало дека е нов, веќе е во подем, се развива и добива нови вредности и нови примеси и претставува можност за сите кои делуваат и работат во државата, како бизнис секторот, да го практтикуваат оној дел кој секаде во светот се третира како инвестиција, а не како трошок.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити истакна дека денешниот состанок е можност со претставниците на корпоративниот сектор, кои пријавуваат кандидатури за финансирање проекти за заштита на социјално ранливо категории за наредната година, да разговараат за можните начини за соработка.

Ова, рече Саити, се покажало како добра форма и практика и на ваков начин според него и Црвениот крст како директен провајдер на хуманитарните активности на терен, презема улога на оштествена одговорност, како мотиватор за сите кои досега не го направиле тој чекор да почнат да го практикуваат.

Тој подвлече дека денеска ќе им оддадат признание на оние кои досега соработувале со Црвениот крст и се покажале како позитивни примери. Меѓу нив, рече тој, е и Министерството за труд и социјална политика кое добива признание од Црвен крст за посебен придонес и соработка во развој на социјалните услуги.

Министерката за труд и социцијална политика Мила Царовска, која присуствуваше на состанокот, истакна дека соработклата со Црвениот крст е одлична. Измината година, додаде, беше изменет Законот за Црвениот крст при што се унапреди одржливоста на овој систем, бидејќи тие како организација се партнер на државата и граѓаните и е многу важно да бидат одржливи и активни во општеството.

– Како Министерство имаме неколку успешни програми кои ги спроведуваме, а тоа се пунктовите за бездомни лица, кои ги отвораме секоја зима и граѓаните имаат можност каде да се стоплат и да добијат поддршка кога им е најпотребна. Дополнитрелно персоналната асистенција на системско ниво се пилотираше и почна со Црвениот крст и дава одлични резулатати. За тоа имаме законско решение и сите граѓани во сите општини имаат можност за пристап до оваа услуга, рече Царовска.

Таа најави дека во наредниот период ќе се развиваат социјални услуги на локално ниво особено услуги за грижа за стари лица. Едно се дневни центри за здраво старење, потенцира Царовска, кои недостигаат во општеството, но, битна е и услугата за палијативна грижа за стари лица во домашни услови. Ова, рече министерката, е важна услуга која е законски гарантирана, но нејзиниот развој ќе зависи од капацитетите на социјалните партнери на локалните самоуправи.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/12/2019 18:32