Собранието ја почна расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година. Дополнетиот предлог ги содржи 12-те прифатени амандмани во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет. Во фокусот на буџетот во 2020 се инвестиции во човечкиот капитал. Пред пратениците предлогот го образлож министерката за финансии Нина Ангеловска. За мнозинството буџетот за следната година е развоен, со средства насочени кон проекти од програмата и интересите на граѓаните. За опозицијата социјален, популистички и предизборен.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на три милијарди и 615 милиони евра, а расходите три милијарди 898 милиони евра. Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации. Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска истакна дека во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

– Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само среќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома, истакна министерката.

Таа додаде дека во таа насока буџетот 2020 година е сериозно насочен кон основните три столба за негов развој, ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите наши граѓани.

Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Во расправата Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ го оцени како социјален, популистички, предизборен, и кој не е буџет насочен кон човечкиот капитал.

Нејзиниот сопартиец и координатор на пратеничката група Никола Мицевски истакна дека денеска пред нив има популистички, нереален буџет заснован, како што рече, врз само врз една основа, а тоа е дека имаме избори на 12 април и треба граѓаните да ги замајуваме со други работи од реалноста во Република Македонија, од она што граѓаните секојдневно го преживуваат и оваа влада за да излезе од целата оваа ситуација изнајде еден модус, слоган „Инвестираме во човечки капитал“.

За Костадин Костадинов од СДСМ буџетот не е популистички, туку е нормално планирање на финасиските средства и ставање на средствата на тоа што е од програмата и интерес на граѓаните.

-Една е констатацијата дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека ќе ги изгуби изборите. Свесни сте и самите дека изборите ќе ги изгубите, рече Костадинов.

Диме Велков од СДСМ наведе дека првпат се вложуваат повеќе средства од претходните години и дека е разворн со тоа што има 38 милијарди во здравството, 36 во образование 88 во социјална заштита.

Расправта по буџетот согласно деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/12/2019 11:09