ТАВ Македонија најавува проширување на охридскиот аеродром во 2020 година што ќе резултира со удвојување на капацитетот на терминалната зграда. Ќе може да опслужува до 600.000 патници годишно
Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, управуван од страна на ТАВ Македонија, достигна важна пресвртница – 300.000 патници за прв пат, што е значаен пораст на патничкиот сообраќај од 815%, или осумкратно зголемување за период од 10 години.
-Во 2009 година, пред ТАВ да ја преземе работата, охридскиот аеродром имаше 36.652 патници. Во текот на изминатиов викенд ја надминавме бројката од 300.000 патници, што претставува пораст од извонредни 815%, или во 10 години успеавме да постигнеме 8 пати поголем патнички сообраќај. Ова е резултат на експанзијата на мрежата на авиолинии на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, за што како аеродромски оператор постојано работиме. По интензивниот пораст на патничкиот сообраќај, во 2020 година ТАВ Македонија ќе изведе градежни работи за проширување на терминалната зграда на охридскиот аеродром. Тоа ќе резултира со удвојување на капацитетот на охридскиот аеродром, каде потоа ќе може да се опслужуваат до 600.000 патници годишно, со 5.000 до 6.000 летови, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Охридскиот аеродром моментално има 22 дестинации, од кои 8 се редовни авиолинии, сите опслужувани од 13 авиокомпании.
-Од аеродром што имаше само неколку дестинации за време на летната сезона во 2009 година, денес охридскиот аеродром опслужува вкупно 22 дестинации. Осум се редовни, односно функционираат во текот на целата година до следниве дестинации: Цирих, Базел, Лондон, Меминген, Милано, Виена, Дортмунд, Малме, додека 14 се сезонски летови до следниве дестинации: Адана, Амстердам, Бергамо, Брисел, Дизелдорф, Ајндховен, Фридрихшафен, Истанбул, Катовице, Мастрихт, Штутгарт, Талин, Тел Авив, Варшава, односно ова се летови што ги има во периодот од април до октомври. Работиме на тоа да го трансформираме охридскиот аеродром во регионален центар, кој што ќе ги опслужува не само македонските патници, туку и сите патници од соседните држави. Овие напори се прават заедно со Владата, Министерството за транспорт и врски, авиокомпаниите, општините, како и со надлежните органи од туристичкиот сектор, објаснува Ерсој.
Бројот на патници на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70%, односно бројот на патници е 296.870, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст). Само во ноември, охридскиот аеродром имаше завиден пораст од 240% во однос на патничкиот сообраќај, што претставува извонреден резултат постигнат надвор од летната сезона.
Со 53,8% пораст во патничкиот сообраќај во третиот квартал од 2019 година, Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид беше рангиран на листата на најбрзорастечки аеродроми во својата големина, во групата на аеродроми што не се во ЕУ, од страна на Airports Council International Europe.
Двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, достигнаа 2,5 милиони (2.480.767) патници во периодот од јануари до ноември 2019 година, што претставува годишен пораст од 14,1%.
Вкупниот број на летови во истиот овој период е 20.215 летови и е за 10% поголем.