На денешната презентација за предлог ДУП-от за Трнодол, дојде до физичка пресметка помеѓу дел од граѓаните и вработените во локалната самоуправа која за среќа не прерасна во поголем инцидент.
Според информациите во медиумите, инцидентот се случил откако дел од граѓаните побарале воопшто да се носи ДУП-от за оваа населба. По интервенција на полицијата, ситуацијата била ставена под контрола а увидот бил одложен.
Од општина Карпош пак во соопштение до медиумите истакнаа дека во случката гледаат политички мотивирани побуди.
- Група на граѓани, на насилен и вандалски начин оневозможија одржување на Јавна презентација за Предлог ДУП – от ЈО3 Блок 7, за делот околу Трнодол. Нападнат е службеник на Општина Карпош, а направена е и материјална штета во просториите на УЗ „Кузман Јосифовски Питу“.
Општина Карпош целиот процес го води транспарентно. Токму затоа, го продолжи временскиот рок на спроведување на Јавната анкета која ќе трае 11 дена, и покрај тоа што законскиот минимум е пет дена. Во интерес на граѓаните, локалната самоуправа наместо до 15:30, го стави на увид новиот предлог ДУП, секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот, каде карпошани преку пополнување на анкетни листови можат да ги дадат и своите сугестии.
Очигледна е намера на одредена група граѓани, од политички или други побуди да прави кризни ситуации во Трнодол, велат од Општината