Фондот за иновации и технолошки развој и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) преку заеднички активности ќе работат на засилување на иновациските дејности и воведуваење иновативни процеси во јавниот сектор, раст на малите и средни претпријатија, промоција на истражување и ефективни модели на управување, како и зголемување на соработката меѓу јавниот, приватниот и невладиниот сектор, информираше денеска ФИТР.

Меморандумот за соработка што ги дефинира активностите го потпишале вчера директорот на ФИТР Јован Деспотовски и Нарине Сахакиан, постојан претставник на Програмата за равој на Обединетите Нации.

– УНДП е нашиот седми респектабилен меѓународен партнер со кој ја официјализираме соработката во овие две години. Заедно со нас во нашата мисија се и Светската банка, УНИЦЕФ, Швајцарската и амбасадата на Велика Британија, државата Израел и УСАИД. Проектите што веќе ги развиваме во соработка со УНДП сега очекувам и да се прошират и да добијат на дополнителен квалитет. Заедно ќе работиме на развој и примена на иновациите во животната средина, јавниот сектор како и во поттикнување и олеснување за младите за старт на сопствен бизнис, истакнал Деспотовски.

Тој додал дека само оваа година преку програмата за самовработување во чија реализација целосно е вклучен УНДП се поддржани 22 млади луѓе во креирање стартап бизниси. Тие се дел од таканаречената ИНгрупа на бизниси со потенцијал за брз раст, а деспотовски очекува оваа бројка следната година да биде значително поголема.

Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, посочила дека ваквите партнерства се значаен придонес за поттикнување и унапредување на иновациите во државата во сите сектори од јавен интерес.

– Во рамките на овој меморандум заложбата на двете инстутуции е да соработуваат и да ја промовираат културата на иновациии при што со здружени сили ќе се поддржи технолошкиот напредок и развојот на дигиталните вештини што во иднина ќе доведат до креирање на нови работни места, економски развој и соци-економска инклузија, навела Сахакиан.

Двете институции се обврзувале и да го поддржат растот на микро, малите и средните компании преку спроведување на иновативни решенија и услуги; тесно да соработуваат со домашните претпријатија за да можат да ги остварат сопствените цели за одржлив развој заедно со развојните агенции и јавните институции; да го унапредуваат и промовираат долгорочниот развој преку технолошки подобрувања и поддршка на развојот на дигиталните вештини што пак треба да придонесат кон создавање нови работни места, како и вклучување на жените во техничките и природните науки и комерцијални проекти за да се пополнат родовите празнини на пазарот на трудот.

ФИТР и УНДП ќе работат и на подигање на свеста за нови иновативни пристапи, технолошки подобрувања, трансфер на знаење во различни индустрии и промоција на истражувањата меѓу академскиот и приватниот сектор.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2019 11:01