Договор за државна помош согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите денеска во Владата потпишаа министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска и Карел Јалови, сопственикот и извршен директор на чешката компанија „Локо транс“ од Брно.

Согласно договорот, чешката компанија ќе инвестира 15 до 20 милиони евра во фабрика за производство на транпортни шински возила во скопската општина Гази Баба во која се предвидени 250 до 300 вработувања. Се очекува инвестицијата да биде реализирана за 12 до 15 месеци од почетокот на градба и потоа да почне со производниот процес од репроматеријал до готов производ – товарни вагони.

– Тоа е многу слична фабрика, но и многу пософистицирана од она што беше „Колска“ во Велес на времето. Затоа е предвидено голем број од вработените во велешка „Колска“ што ќе изразат подготвеност да бидат преземени и вработени во фабриката на „Локо транс“. На овој начин ќе биде решен и нивниот проблем, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по потпишување на договорот.

Сопственикот на „Локо транс“ порача дека веќе има основано две фирми во земјава и, како што рече, пред една година токму на средба со вицепремиерот Анѓушев му ги изнел своите планови што планира да прави во земјава, а вицепремиерот спровел и направил се што ветил.

– Денешното потпишување на договорот гарантира изградба на фабриката и реализирање на нашата инвестиција. Тоа ќе биде голем придонес за Македонија, а ние имаме план и за проширување. „Локо транс“ не е само производител на вагони и локомотиви туку и транспортер на железнички превоз и ова наше ноу хау не е услов само да изградиме фабрика, туку и да сервисираме локомотиви во поширкоиот регион, рече Јалови.

Тој нагласи дека железницата е гранка која ги поврзува сите земји во светот, а токму со потпишувањето на денешниот договор, како што рече, ние се споивме со Република Северна Македонија.

„Локо транс“ е компанија за производство на железнички вагони и локомотиви. Има сопствени капацитети во Чешка, Словачка, Италија, Бугарија, Србија и Аргенитна и ги покриваат европскиот пазар и пазарите на Блиски Исток, Азија, Латинска Америка и Африка.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/12/2019 16:30