Од град на солидарноста до престолнина на кичот. Обезвреднет, речиси без идентитет, пренатрупан и конфузен. Без концепт. Без континуитет. Без каква било естетска или уметничка вредност. Еколошки неподобен. Задушен. Уморен.

Скопје денес сиво и немо сведочи за колапсот на вредности, за моралниот хаос, за парадоксот на општествената динамика што немилосрдно го „зафати“ (ни повеќе, ни помалку) во 21 век. Преполн со луѓе, градот исцрпено гестикулира за долгата транзиција, политичките кризи, недомаќинската економија, дивеењето на владејачките структури жедни и гладни за профит.

Наместо авангардна, модерна архитектура базирана на традиционални основи, стрчат квази необарокни и неокласицистички споменици, евтини фасади од гипс и стиропор, посебно во центарот. Јадрото што треба да биде симбол на урбаното, потсетува на тематски забавен парк или на студио за снимање филм.

Има ли надеж за Скопје? Ќе успееме ли да го смениме наративот и да го преобразиме главниот град во современа метропола?

Одговори на овие прашања, преку стручна анализа и анкета на граѓаните, дава публикацијата „Скопје помеѓу теоријата и можностите“. Публикацијата на авторите Ива Петрунова и Емина Рустемовска беше промовирана на 13 ноември, кога Скопје го одбележуваше Денот на ослободувањето.

Уште во Предговорот може да се прочита пораката дека е нужно (ре)обмислување на градот во одржлива средина за сите, но со демократско управување што подразбира донесување одлуки преку широк консултативен процес со граѓаните, нивната креативност и експертиза. Притоа се напоменува дека ресурсите и просторот не се само наши, туку и на идните генерации. Затоа, мора да се (за)чуваат.

Скопје – некогаш и денес

Скупи (антика), Скопиа (Византија), Скопње (словенски среден век), Искуб, Ускуп (турски период) се имињата што зборуваат за еволуцијата на Скопје низ вековите. Неолитски населби, варварски напади, катастрофален земјотрес во 518 година, Јустинијана Прима, петвековно османслиско влијание, балкански војни, сè ова е дел од пораната историја на градот. Тука минале многу народи, племиња, освојувачи и секој оставил свој печат (културолошки и морфолошки) врз обликувањето на градската структура.

„Чисти, калдрмисани улици, образовани, учени луѓе, љубезни, среќни, го сакаат животот. Чаршија со преубава миризба, јорговани, липи, зумбули, темјанушки, босилек, рози и повторно, образовани луѓе, забележал своевремено турскиот патописец Евлија Челебија за Скопје.

– Ова го покажува тогашниот однос на луѓето кон Скопје. Тие се грижеле доволно за градот, обрнувале внимание на својата околина, го сакале местото во кое живеат што денес речиси воопшто не е случај, а мислам и дека 90 отсто од граѓаните не би се пронашле во овој опис на Челебија. Тие едноставно имаат кренато раце, убедени дека не се моќни ништо да променат, истакнува Петрунова.

Како што стои во нејзиното и истражувањето на Рустемовска, Планот за Скопје од 1899 година е почеток на идејата за поголема европеизација, урбанизирање и развој. Скопје во тој период се состои од домување, чаршија, деловни подрачја, улична и комунална мрежа. Првиот регулациски план е направен во 1914 година од Димитрије Леко. Леко ги отфрла османлиските традиции во урбаниот простор и ги внесува европските трендови. Планот го воведува Рингот во Скопје, кој останува главна тема во сите следни планови и го дефинира плоштадот како јавен простор. Според идејниот план од 1914-та, на почетокот на 1929 година тресончанецот Јосиф Михаиловиќ го направил Генералниот регулациски план на Скопје, додека во 1931 година е изработен друг регулациски план како синтеза од двата претходни и со него се менува описот, го чини градот помалку ориентален, повеќе европски.

По 13 ноември 1944 година, кога бил ослободен од окупаторот, Скопје почнува нова ера, како современ и модерен главен град на Македонија. Градот продолжува да расте и има потреба од нов план, кој бил изработен во 1947 година од Лудјек Кубеш. Планот, базиран на основните постулати на модернизмот, предвидува проширување на Скопје и зонирање. Генералниот регулациски план на Скопје од 1948 година, пак, е основата за повоената обнова. Овој план (со зони за домување, индустриска, деловна, административна и зона со зеленило) ги поставува контурите на модерниот лик на Скопје. Во ноември 1965 година е усвоен новиот Генерален урбанистички план, кој содржи три главни станбени зони, индустриски и деловни зони, како и зона за масовна активна рекреација.

– И по земјотресот во 1963-та Скопје се гради во духот на модерното време, но процесот е прекинат поради распадот на СФРЈ и создавањето ново општество. Токму новото општество ги доведе во прашање сите вредности од минатиот систем, вклучувајќи ги архитектонските и просторните. Државното земјиште се приватизира, а новите сопственици почнаа да градат за профит. Се занемарија историската слоевитост и принципите на модернизација. Целосната слика на градот почна да се менува. Заличи на колаж, вели Петрунова.

Пренаселеноста, сообраќајниот метеж и загаденоста денес креираат задушлива, летаргична атмосфера, незадоволни граѓани и нездрава животна средина, пишува во Публикацијата. Урбаната мафија и новите капиталисти кои се збогатија преку ноќ ја диктираа(т) новата економија што силно се одразува на просторно-архитектонските и урбанистичките аспекти на Скопје.

Кулминација на ваквото „безредие“ е „Скопје 2014“. Овој проект испрати јасна порака за недемократско општество, кое се стреми кон едноумие, агресивно ја (из)негира реалната историја и се обиде да создаде сосема друга, паралелна, во која граѓанинот треба да биде асимилиран.

– Една од највпечатливите нелогичности со кои се соочи нашето општество беше обидот да се „барокизира“ главниот град под изговор на воздигнување на македонската нација. Апсурдна е идејата за доловување на барокното минато на западноевропските градови кое Скопје никогаш не го имало. Всушност, се соочивме со криза на идентитетот, со докажување преку споменици, декорации, орнаменти, со јакнење на национализмот. Се препокрија фасадите на објектите во центарот, се „облекуваа“ или маскираа во т.н. барокно руво, се узурпираа јавниот простор, зоните за рекреација и инфраструктура, целосно се напуштија принципите и традициите на градењето. Од современ, модерен град, Скопје стана град дефиниран од владејачкиот врв, стои во истражувањето.

Анкетата на Публикацијата покажува дека „Скопје 2014“ во целост им се допаѓа само на седум проценти од граѓаните, а на 40 отсто не им се допаѓа воопшто. Притоа, од нив 41 отсто имаат до 29 години, 25 отсто 30 – 45 години, а 32 процента 46 – 60 години. Од оние на кои им се допаѓаат некои објекти од „Скопје 2014“, а такви се 39 отсто, 48 проценти се со завршено средно образование, 43 отсто се со високо (факултет), додека осум проценти се магистри или доктори на науки. Од оние на кои ништо не им се допаѓа, 35 отсто се со средно, 52 процента со факултет и 10 отсто се магистри или доктори на науки.

Во врска со турбофолкерскиот, новокомпониран, циркуски наратив што го надополнуваат и галиите на реката Вардар, реакциите на скопјани не стивнуваат.

„Ми го уништивте градот“, „Среќен празник граду што некојпат беше тука“, „Скопје, опинци те газат“, „Скопје, како никогаш си заробен, некои чичковци дојдоа и те натоварија“, „Скопје, ако можеш, прости ни“, се само некои од коментарите што може да се прочитаат на социјалните мрежи, најчесто придружени со фотографии од поранешно Скопје.

– Истражувањето покажа дека граѓаните се незадоволни речиси од секој аспект на градот. Тоа е показател дека Скопје до периодот на транзицијата се развивал плански, според потребите на жителите. Основната инфраструктура поставена во минатото (градинки, болници, училишта, трговски објекти) се солидно планирани, но нивното одржување, користење и развивање се сосема запоставени и/или злоупотребени. Мешаницата од нови национални симболи, кои си поигруваат со колективната меморија и колективната свест, само ја отежнуваат атмосферата во градот. Новото градско обликување со евтини орнаменти не е по желба на граѓаните. Тие не се идентификуваат со него и сметаат дека градот се развива во погрешна насока, посочува Петрунова.

Конкретни предлози за Скопје

Решенијата за проблемите во градот, почнувајќи од кичот, преку пренатрупаноста до загадувањето, авторките на Публикацијата ги гледаат во мапирање на слободните простори и нивно исполнување со содржини потребни и корисни за граѓаните.

– Овие простори би требало да бидат исповрзани со пешачки патеки, паркови и зеленило. Би можеле да се направат пешачки градски четврти, посебно во старите урбани јадра како Маџир Маало, Ново Маало, Дебар Маало, кои би биле исполетни, освен со објекти за домување и со културни содржини. Идејата е да се вратат културата и уметноста на скопските улици, да се намалат сообраќајот и загадувањето, да се создадат јавни простори кои би поттикнале социјализација меѓу граѓаните, велат Петрунова и Рустемовска.

И реката Вардар, една од најболните точки за скопјани, мора да се „ревидира“. Нејзиниот тек, сугерираат авторките, треба да прерасне во носечки еколошки проект преку урбана трансформација и преуредување на кејот. Зеленило, опрема за седење, амбиентално осветлување, појас за заштита од поплави, се само некои од предлозите.

Неопходни се и еколошко-културни ревалоризации и реставрации на Калето, парк-шумата Гази Баба, римскиот акведукт и Скупи.

Анкетата за истражувањето на Ива Петрунова и Емина Рустемовска е спроведена во 2017 – 2018 година во општините Аеродром (Ново Лисиче), Центар (строг Центар и Маџир Маало), Чаир и Сарај. Од поделените 550 прашалници, валидни биле 460. Од вкупниот број прашања, пак, во трудот на авторките се издвоени вклученоста на граѓаните во урбаното планирање и насоките за иден развој на градот, информираноста, загадувањето и транспортот.

– Скопје треба да го зачува достоинството на живеење, кое е многу нарушено, и конечно да стане град по мерка на своите жители, е еден од заклучоците на Публикацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2019 12:15