Договор со Светска банка со кој се обезбедуваат 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава, потпишаа министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Kанцеларијата на Светска банка во земјава Марко Мантованели, соопшти Министерството за финансии.

-Секој вложен денар во инфраструктурата четирикратно се враќа: се поттикнува транспортот, трговијата, туризмот и воедно се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните. Преку овој проект ќе се обезбедат средства со кои ќе се подобри локалната инфраструктура низ целата земја. Проектот е дел од четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка во вредност од 420 милиони евра, која опфаќа инвестиции во инфраструктура, проекти за вложување во човечки капитал, фискална одржливост и одржливост на животна средина, посочува министерката за Ангеловска.

Ресорното министерство наведува дека средствата се обезбедуваат под исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и грејс-период од пет години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, со што сега каматната стапка изнесува 0,15 проценти.

Во Министерството за транспорт и врски веќе е формирана проектна единица за спроведување на проектот, до која општините може да доставуваат проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2019 12:39