Неколку илјади туристи во југоисточна Австралија денеска би можеле да бидат загрозени, со оглед на тоа што пожарникарите се подготвуваат за нов бран шумски пожари, како резултат на новиот топлотен бран во земјата.

Во Австралија моментално горат неколку стотици шумски пожари.

Властите во државата Викторија вчера повикаа повеќе од 30.000 луѓе да се евакуираат од туристичка област во југоисточниот дел на земјата. Властите стравуваат од ширење на три пожари поради ветрот, што би можело да предизвика нарушувања во сообраќајот на магистралниот пат во областа.

Локалните власти соопштија дека сè уште има многу локални жители и туристи во околината и оти може да бидат загрозени.

Во тој дел на Австралија деновиве температурата беше повеќе од 40 Целзиусови степени, а имаше и грмотевици со силен ветар.

Противпожарната служба соопшти дека денеска може да биде „опасен ден“, поради молњи кои можат да предизвикаат пожар.

Најмалку десет лица загинаа од септември во пожарите кои досега уништија околу 1.000 домови и повеќе од три милиони хектари земја.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2019 11:09