Една година од жолтите елеци

Жолтите елеци се појавија во есента 2018, но во 2019 тие целосно се вградија и станаа дел од францускиот социјален пејзаж. „Жолтите елеци“ кои се уште во Франција ги пишуваат во наводници е движење на револт против владата на Емануел Макрон, кои како симбол го имаат задолжителниот жолт елек, кој секој возач треба да го има во својот автомобил. Сабота по сабота, вкупно 59 до крајот на 2019, жолтиот флуоресцентен елек се претвори во досега невиден протест во историјата на француската република. Движењето се користи со атипични начини на дејствувања : блокирање и бесплатно пропуштање на возилата на наплатните рампи на автопатиштата, полжав-операции на забавување на сообраќајот, непријавување на собирите и демонстрациите ширум Франција и пред се највидливи во престолнината -Париз. Движење кое ги изненади синдикатите, но и политичките партии. Владата на Макрон направи отстапки кон жолтите елеци, но тие не беа доволни да движењето запре. Мобилизацијата беше особено голема во првата половина на 2019 година, но таа доведе и до сериозни судири со досега незапаметена жестина со силите на редот, посебно во Париз.

Ако нивната иднина е нејасна, повеќе илјадници жолти елеци продолжуваат секоја сабота да протестираат ширум Франција. Ова движење доведе до појава на нов вид на мобилизација и успеа да ја наведе владата на отстапки, на што синдикатите не успеаја изминативе години.

Климатските промени: Бурите Габриел, Фреја, Амели, Фабијан….

Борбата проти климатските промени и еколошката транзиција се можеби главните политички и економски теми кои се слушаа во текот на 2019 година во Франција, но и најскептичните Французи можеа да се уверат дека со климата нешто не е во ред.

Разбеснетото море и океан, поплави, рафали на ветер кои достигнуваат и до 160км/час, пресечени патни и железнички правци, срушени дрвја, поплавени домови и полиња. Големите бури ја одбележаа 2019 година, започнувајќи со Габриле во јануари, Фреја во март, Амели во ноември, истиот месец дојде и бурата Сесилиа, потоа Даниел или Елза со Фабијан пред Божик. Последиците се големи не само на материјален план, туку и со губење на човечки животи.

Досега незапаметено жешко лето

Климатските промени се почувствуваа и во летото со бранот на горештини, кои сега редовно се повторуваат во Франција. Летото 2019 сигурно дека ќе остани запаметено по рекордните високи температури кои доаѓаа во бранови .

Од 21 до 26 јули Франција доживеа исклучителна епизода на високи температури, кои дојдоа многу порано од вообичаеното, после првиот бран на крајот на јуни. Дваесет департмани беа ставени во црвеното ниво на тревога. За прв пат од создавањето на оваа алатка за предупредување на населението од метеоролошките ризици во 2004 година, се запали црвеното светло на крајот од јуни.

Пожарот во Нотр Дам во Париз

Најубавиот и најпознатиот споменик на Франција беше во пламен, незамисливата визија на хорор беше видлива за целиот свет. Во пожарот од 15 април, кој делумно ја уништи катедралата Нотр Дам, дел од светското наследство на УНЕСКО, беа проголтани покривот, дрвената конструкција, стрелата.

Засега не се објавени заклучоците од истрагата за причините за пожарот. Се проучуваат три можни сценарија: недоизгасната цигара, краток спој на електричната инсталација во еден од лифтовите кој водеше во стрелата на покривот или пак краток спој на инсталацијата која ги активираше камбаните.

Според министерството за култура 922 милиони евра беа донирани или ветени како донација за реконструкцијата на Нотр Дам, во што учествуваа 350 000 поединци и мецени. Првиот голем предизвик за реконструкцијата на катедралата е демонтирањето на скелето, кое служеше да реставрирање на стрелата пред пожарот.

Тероризмот и понатаму е присутен во Франција

Франција во 2019 година повторно беше театар и жртва на терористички напади. Најпрво во Вилурбан, предградие на Лион – напад со ноќ во кој едно лице беше убиено и осум повредени на 31 август. За нападот е осомничен еден Авганистанец на 33 годишна возраст кој е обвинет за убиство и обиди за убиство.

Префектурата на полицијата во Париз исто така беше жртва на напад со нож, кој се случи на 3 октомври во самата зграда на полицијата на Париз. Покрај убиецот, Микаел Харпон – вработен административец во префектурата, беа убиени четворица вработени и две други лица беа повредени. Префектот на полицијата Дидие Лалемен најави дека од овој напад, седум вработени во полицијата биле „разоружани“ по сигнализирањето од нивната хиерархија или колеги дека се радикализирани.

Не треба да се заборави ниту атентатот со бомба на улицата Виктор Иго во Лион, кога едно лице кое и се заколна на верност на Исламската држава постави торба со експлозии и метални шрафови пред една продавница во близина на плоштадот Белкур, притоа 14 лица беа полесно повредени.

Крајната десница победи на Европските избори во Франција

Во политиката во 2019 година победник е Националниот Собир (поранешниот Национален Фронт) – крајната десница на Марин Ле Пен, во очекување на идното одмерување на политичките сили на општинските избори во 2020 година.

Крајно десничарската партија на Марин Ле Пен победи на Европските избори пред партијата на претседателот Емануел Макрон Републиката во движење. Емануел Макрон успеа на Французите да им наметне двоглав дуел на француските избирачи. Во првиот на претседателските избори тој излезе победник, но на европските беше поразен иако никогаш не го употреби тој збор. Европските избори беа успех за Марин Ле Пен, која не беше кандидатка, бидејќи сега таа е пратеник во француското национално собрание. Предводниците на двете листи Жордан Бардела за Националниот собир и Натали Лоазо за Републиката во движење се само епизодни личности.

Сите политички коментатори се согласуваат дека целта на Емануел Макрон не се општинските избори, каде неговата партија е многу слабо присутна на локално ниво, туку претседателските во 2022. За нив тој се надева дека повторно ќе биде во дуел со Марин Ле Пен, како и во 2017, односно дека Французите ќе гласаат за неговиот втор мандат. Опасна калкулација, ако се земе во предвид незадоволството на добар дел од француските избирачи од неговата политика, жолтите елеци се само една илустрација, а штрајкот и протестите против реформата на пензискиот систем се потврда на тоа незадоволство.

Случајот Емануел Макрон

Откако им рече „НЕ“ за почеток на преговори на Северна Македонија и Албанија за членство во ЕУ, интервјуто на Емануел Макрон за Економист во кое рече дека „ НАТО е клинички мртво“ предизвика бура на реакции во светот, посебно меѓу неговите главни сојузници.

Емануел Макрон, францускиот претседател, ги предупреди европските земји дека веќе не можат да сметаат на тоа дека Америка ќе ги брани НАТО-сојузниците. „Она што во моментов го доживуваме е клиничка смрт на НАТО“, изјави Макрон во „искреното интервју за Економист“. Европа стои на „работ на пропаста“, рече тој и според него треба да почне да размислува за себе стратегиски како за геополитичка сила; во спротивно, „повеќе нема да ја контролира сопствената судбина“.

Интервјуто, направено во неговата блескаво украсена канцеларија во Елисејската палата во Париз на 21 октомври, претседателот тврди дека е крајно време Европа да се „разбуди“. Тој беше запрашан дали верува во ефикасноста на Членот пет, идејата дека ако една членка на НАТО биде нападната, сите ќе ѝ дојдат на помош, за што многу аналитичари сметаат дека е поентата на ефектот на алијансата. „Не знам“, одговара тој, запрашувајќи се „но што ќе значи утре Членот пет?“

НАТО, вели Макрон, „функционира само ако функционира гаранцијата на крајна нужда како таква. Би рекол дека треба да ја преиспитаме реалноста на тоа што е НАТО од аспект на посветеноста на Соединетите Држави.“ А Америка, според неговото мислење, покажува знаци на „вртење грб кон нас “, како што јасно покажа со неочекуваното повлекување на трупите од североисточна Сирија минатиот месец, оставајќи ги своите курдски сојузници.

Со претседателот Доналд Трамп, Европа сега првпат си има работа со американски претседател што „не ја споделува нашата идеја за европскиот проект“, вели Макрон. Ова се случува кога Европа е соочена со подемот на Кина и авторитарниот пресврт на режимите во Русија и Турција. Покрај тоа, Европа е ослабена однатре со Брегзит и политичката нестабилност.

Оваа токсична мешавина беше „незамислива пред пет години“, тврди Макрон. „Ако не се разбудиме […], постои значителен ризик дека долгорочно ќе исчезнеме геополитички или барем дека повеќе нема да ја контролираме нашата судбина. Многу длабоко верувам во тоа“.

Енергичната неодамнешна дипломатска активност на Макрон привлече голем интерес во странство, и скоро исто толку критики. Тој беше обвинет за еднострано дејствување (со блокирање на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан) и за само преценување (со обидот да издејствува директни разговори меѓу Америка и Иран, ова посебно за време на самитот на Г7 во Биариц). Меѓутоа, за време на интервјуто, претседателот е пркосен и опуштен тој им возвраќа на своите критичари, на пример тврдејќи дека е „апсурдно“ ЕУ да се отвора за нови членки пред да се решат процедурите за пристапување, иако додава дека е спремен повторно да размисли доколку се исполнат ваквите услови.

Основната порака на Макрон е дека Европа треба да почне да размислува и да дејствува не само како економска групација, чиј главен проект е проширување на пазарот, туку и како стратегиска сила. Тоа, вели тој, треба да почне со враќање на „воениот суверенитет“ и повторно отворање дијалог со Русија и покрај сомнежот на Полска и на другите земји што некогаш биле под советска доминација. Ако не го сториме тоа, вели Макрон, тоа би било „огромна грешка“.

Ваквото однесување на Макрон не му носи само пријатели во Европа, иако многумина ја делат неговата анализа и го поддржаа кога зборуваше за иднината на Европа (неговиот фамозен говор во Сорбона). Но тоа што најмногу не помина во Брисел и Стразбур е неговото одбивање да не им се даде зелено светло на двете балкански земји – Северна Македонија и Албанија. Макрон е убеден дека е во право, тврдејќи дека не бил „осамен во неговото вето“!? Исто како и во неговото однесување на внатрешниот политички план во Франција, каде исто така кај добар дел од французите. не поминува неговото однесување и раководење со земјата. Макрон успеа да ја освои Франција, но со Европа тоа не му успеа, ставајќи ги земјите од Балканот или според новата терминологија, која нема никаква врска со географијата – Западен Балкан, во чекалната на неизвесност и искушенија.

Жак Ширак си замина од овој свет

Жак Ширак почина на 26 септември на возраст од 86 години. Смртта на поранешниот француски претседател (1995-2007) ги погоди сите оние кои се интересираа за француската политика во Франција последните децении. Тој се претвори во вистинска поп-икона, доволно е да се пребара на интернет и да се видат некои негови легендарни фотографии и изјави.

Жак Ширак беше болен напуштајќи ја Елисејската палата во мај 2007. Тој беше на повеќе пати на болничко лекување, но ќе остане запаметен по неговото противење на втората американска интервенција во Ирак, а кај нас како еден од најголемите поддржувачи кај светските државници на независноста на Македонија.

Поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој помина во Елисејската палата 12 година ќе остани запаметен на просторот на поранешна Југославија и особено во Македонија, како политичар кој ја промени француската политика водена при распаѓањето и војните во поранешна Југославија.

Само шест недели по изборот за претседател на Франција, Жак Ширак веднаш застана во одбрана на македонската позиција наспроти таа на Грција, посебно критикувајќи ја политиката на тогашниот грчки премиер Андреас Папандреу. Барајќи од Грција да го укине економското ембарго против соседната земја и да започне политички дијалог со владата на Скопје за да го деблокира ова прашање, нарекувајќи го македонскиот претседател, Киро Глигоров, „личен пријател“ .

Во јуни 1996 година се реализира можеби и најважната посета на нашата земја од страна на еден француски политичар- таа на Филип Сеген – тогашен претседател на Националното собрание на Франција и градоначалник на збратимениот град со Битола – Епинал.

При посетата на Македонија, Филип Сеген кој во таа прилика го инаугурира францускиот конзулат во Битола, на претседателот Киро Глигоров му донесе и лично писмо од претседателот Жак Ширак во кое беше изразена поддршката на Париз за склучувањето на првиот договор за соработка со Европската Заедница, за која посебен удел имаше лично Ширак и Филип Сеген.

Во повеќе прилики и при повеќето билатерални средби францускиот претседател не ја пропушташе можноста да и изрази поддршка на нашата земја.

Франција и претседателот Жак Ширак одиграа значајна улога и при конфликтот од 2001, кога како специјален претставник на ЕУ беа назначени Французите најпрво Франсоа Леотар, а потоа и Алан Лероа.

На заедничката прес конференција во Елисејската палата на 1-ви март 2003 година со претседателот Борис Трајковски претседателот Жак Ширак во однос на македонското прашање рече.

-Знаете, јас водев кампања долго време овие проблеми да бидат решени во согласност со легитимните интереси на Македонија. Почнав три недели по мојот избор пред шест години на Европскиот совет во Кан. Оттогаш работите се сменија, не се предомислив и сè уште ги поддржувам легитимните барања на Македонија, рече Ширак пред Борис Трајковски.

Жак Ширак е и единствениот француски претседател кој ја има посетено нашата земја по нејзината независност, тоа беше за време на војната на Косово на 28 февруари 1999 година. Во таа прилика претседателот Ширак својот говор го заклучи со зборовите :

-Сакам да му кажам на претседателот Глигоров, колку сум задоволен со тоа што сум во Македонија.

И токму во тој период се случи и најголемото културно претставување на нашата земја во Париз и Франција од 11 февруари до 3 мај 1999 година, изложбата „ Средновековните богатства на Република Македонија“.

Со заминувањето на Жак Ширак во Франција се затвора една страница од нејзината историја, а нашата земја изгуби еден пријател и поддржувач.

Несреќа – уривањето на мостот на Тарн

Во средината на ноември, висечкиот мост во Мирепоа сур Тарн, се урна при што две лица го загубија животот, едно 15-годишно девојче и возачот на каминот – шлепер кој ја надминуваше повеќе пати дозволената носивост на мостот. Мостот можел да издржи 19 тони, додека каминот тежел околу 50 тони, тоа што изненадува е тоа што возачот кој бил и сопственик на фирмата, која се наоѓа на стотина места од мостот. Мостот е метална конструкција од 1931 година, неодамна бил реставриран, но оваа несреќа го отвори прашањето за одржувањето на илјадниците мостови ширум Франција и почитувањето на регулативата за нивно користење.

Рекордниот штрајк против реформата на пензискиот систем

Реформата на пензискиот систем е најверојатно најтрнливата тема, односно прашање околу кое француските влади не се осмелуваа да се зафатат. Премиерот Едуар Филип и претседателот Емануел Макрон одлучија да одат директно и засега тие успеаја да ја блокираат Франција, па дури и да се налутат со најреформаторскиот синдикат ЦФДТ. Штрајкот, како протест против реформата во јавниот транспорт започна во предвечерието на 5 декември и тој се уште трае што сериозно го нарушува секојдневниот живот на Французите. Штрајкот, веќе по времетраењето го надмина тој од 1995 година, по кој падна владата на Алан Жупе. Излезот од конфликтот изгледа засега неизвесен, со оглед дека синдикатите и владата се многу оддалечени од нивните позиции. За 9 јануари се закажани нови демонстрации на синдикатите.

Франки Запата – човекот ракета

Некои го викаат „летечкиот човек“ или „Ајрон Ман“ , Франки Запата и неговиот Флајборд ја надлетаа церемонијата на 14 јули на Шанзелизе, а потоа по два обиди, вториот се покажа успешен, тој го прелета каналот Ла Манш. Технолошкиот подвиг е огромен. Воден од неговата желба за подвизи, тој самиот ја изработи својата „летачка машина“ и работи веќе со специјалните сили на САД и на Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2019 12:17