Познато е дека во Германија има недостиг на работна сила. Тој проблем не го заобиколи ниту Дедо Мраз. Имено, се помалку се оние, кои во црвено-бел костим во овој претпразничен период, сакаат да ги усреќат децата со подароци.

Наместо да одат по божиќни базари на студот, тие повеќе се одлучуваат за работа во кол-центри. Наместо децата да ги направат среќни со торба полна со подароци, тие се занимаваат со маркетинг на социјалните мрежи и тоа со компјутер во топла соба.

Германските студенти повеќе не сакаат да работат како Дедо Мраз. И покрај тоа што овој бизнис многу се исплати. Во Берлин, на пример, за Бадник во просек се заработува по 500 евра.

По речиси 70 години, Студентскиот сервис во Берлин престанува да посредува во изнајмување на Дедо Мраз. Јана Јудиш, портпаролка на оваа организација, објаснува дека едноставно се јавиле премалку кандидати. Значи, и тука постои недостиг на работна сила.

Семинари за Дедо Мразовци

– Многу млади луѓе повеќе не сакаат да работат за време на викендите или празниците, се жали Вили Дамен. Овој 66-годишен човек организира обука за потенцијални Дедо Мразовци.

Таму, меѓу другото, се учи и тоа дека мобилниот телефон и цигарите во костим – се табу, и дека, пред давање на подароци, треба од децата да побарате нешто да испеат или рецитираат.

– Мене би ми требале уште 30 или 40 Дедо Мразовци, вели пензионерот. Тој инаку уште во текот на летото позира за реклами во црвен капут и со санки.

Канцелариите за вработување и студентските служби речиси воопшто повеќе не нудат Дедо Мраз. Во исто време, побарувачката, барем на подрачјето на Берлин, оваа година е особено висока.

– Многу семејства се враќаат на традицијата, а можеби повторно има и повеќе деца, вели Том Шпернер, шеф на маркетингот на интернет порталот „Еренто“. Се бараат и ангелите и малиот Исус.

Петра Хенкерт дури и започна акција „Берлин бара 100 Дедо Мразовци!” – Се јавија луѓе, кои секогаш сонувале за тоа, но досега не се осмелувале, вели шефицата на божиќната канцеларија во Цојтен. Еден од кандидатите се откажал од хонорарот во корист на една хуманитарна установа.

Се бара и Свети Никола

Во Баварија, пак, има недостиг на Свети Никола. Баварската студентска посредничка агенција „Џобкафе.де“ во 80 отсто од случаите изнајмува Свети Никола, кој настапува на 6 декември.

Традицијата на Дедо Мраз очигледно е повеќе присутна во северниот дел на Германија и во регионите каде што има повеќе атеисти.

– Во Минхен, само новодојденците го сакаат Дедо Мраз”, објаснува шефот на агенцијата Јенс Витенбергер. Тој вели дека секоја година заедно со партнерите организира бесплатни изведби за сиромашните деца. Но, додава тој, и тоа ќе мора полека да се укине, бидејќи во моментов има само десет Свети Николи.

И додека во Берлин итно се бара Дедо Мраз, католичката организација „Бонифациоусверк“ секоја година организира „Зона без Дедо Мраз”.

– Ние лично немаме ништо против тој фин и љубезен дедо во црвено-бела облека, кој сигурно за многу деца е важен и им причинува задоволство”, рече портпаролката Тереза ​​Мајер. – Па сепак, се прашуваме, која подлабока содржината тој ја претставува. Кај Свети Никола е јасно: тој е симбол на помагање на другите, солидарност и христијанска вера, додава таа.

Затоа оваа организација организира обука низ цела Германија – за Свети Никола.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/12/2019 04:21