Стагнира побарувачката на јагниња за Божиќ во Малешевијата. Пласман речиси нема, а сé помала е и побарувачката од трговците, велат сточарите.
-Пласманот на јагнето е катастрофална. Последните две-три години на ниво на државата немаме ниту добра цена. Побарувачката од страна на трговците е исто така мала. Единствено имаме домашни купувачи, така што јагнето и годинава ќе заврши на домашната трпеза за Божиќ, вели Вангелина Пармачка, сточар од беровското село Будинарци.
Семејството Пармачки се занимава со сточарство и поледелство. Произведува добиточна храна. Доходовноста во оваа дејност ја гледа во производството на млечни производи за кои, како што нагласува Вангелина, има солидна побарувачка.
-Произведуваме малешевско јагне, органско малешевско сирење, млеко урда, кашкавал. Побарувачката е добра, цената ние ја диктираме како-кога, зависно од побарувачката. Сирењето е најпродавано, доаѓаат туристи, го земаат, се продава солидно, истакнува Пармачка.
Поради подобрувањето на состојбата со откупот на јагнешко месо земјоделците и сточарите од Пијанечко-малешевскиот крај, на последната сточарска вечер неодамна најавија здружување и формирање тело кое ќе преговара за подобри цени и поголема грижа кон сточарите.