Бизнис заедницата нема силни очекувања за промени во новата година, барем не за првите 6 месеци. На пример, по катастрофалната реализација од 50% на капиталните инвестиции до ноември лани, не очекуваат дека нешто ќе се подобри ниту годинава. Напротив, сметаат дека активностите дополнително ќе забават. Владата немала слух за нивните барања, евидентни биле недостатоците и во планирањето и во спроведувањето на проектите.
-Бараме да се интензивираат работите и во врска со автопатот Кичево – Охрид, и таму работите не се посјајни, но главен приоритет останува автопатот односно трансформацијата на автопатот Скопје- Блаце, оти тој е од клучно значење, вели директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дриљон Исени, за Алфа.
Според него, неопходен е попис за да се види реалната слика за работната сила во земјата и да се создадат услови за странски работници да дојдат тука.
-Треба да се прави пописот на населението на домаќинствата и да се види реално каква работна сила постои во државата и потоа да се испланира нешто. Факт е едека некои држави од регионот работат напорно за тоа да им се обезбеди пристап на домашниот пазар на странските работници, додава тој.
Според претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, борбата против корупцијата е на прво место.
-Доколку сите институции се посветат, а имааат ингеренции да го спроведуваат законот ,верувам дека ќе имаме резултати и за повеќе од 10 проценти ќе може да се намали сивата економија, нагласува Арсовска.