„Поставеноста на нашата монетарна политика е условена од повеќе фактори, а клучно, од нивото на девизните резерви и од инфлациските движења. Имајќи го предвид актуелното високо ниво на девизните резерви со коишто располагаме, ние сѐ уште имаме простор да делуваме како и изминатите неколку години и да водиме релаксирана монетарна политика којашто значи обезбедување доволна ликвидност во економијата и обезбедување поволни услови за финансирање и на граѓаните и на корпоративниот сектор. Но сепак, треба да се има предвид дека и натаму, поставеноста на монетарната политика ќе зависи од случувањата во надворешното окружување коишто влијаат на екстерната позиција на нашата економија, како и од домашниот амбиент.“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервјуто за Македонското радио – Радио Скопје, емитувано денес во емисијата „Радио спектар“.
Таа потсети дека надворешното окружување може да има влијание врз нашата економија преку повеќе канали како што се трговијата, условите на надворешно задолжување и странските директни инвестиции. „Но засега, според сите расположливи податоци, не постои потреба од затегање на монетарната политика.“ – порача Ангеловска-Бежоска.
Во интервјуто снимено на крајот на минатата година, гувернерката говореше и за остварувањата на економијата, за банкарскиот систем и за плановите и за Програмата за работа на Народната банка за 2020 година.
Програмата за работа на Народната банка за оваа година беше донесена неодамна. Покрај остварувањето на редовните задачи, во неа се испланирани и поголем број проекти коишто ќе придонесуваат за унапредување на извршувањето на функциите и ефикасно постигнување на стратегиските цели на централната банка. Помеѓу другото, со Програмата се опфатени: веќе најавеното изготвување на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, како и на Националната стратегија за примена на финансиски технологии и поддршка на развојот на финтек-секторот, активности поврзани со анализа на тековната заштита на потрошувачите на финансиски услуги и унапредување на институционалната поставеност на Народната банка во оваа сфера и проект за унапредување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста на Народната банка.
Во зависност од динамиката на донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, планирани се и проекти коишто ќе овозможат измени или донесување соодветна подзаконска регулатива. Истовремено, заради зголемување на сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем се предвидува спроведување консултативен процес преку Националниот совет за платни системи, за воспоставување стратегиски насоки за изработката на повеќегодишна стратегија за развој на платниот систем на нашата земја.
Народна банка на Република Македонија