Државната изборна комисија (ДИК) планира за изборните активности за претстојните предвремени парламентарни избори да потроши 571 милион и 500 илјади денари. Од нив, најголем дел или околу 400 милиони, се планира да се потрошат за финасирање на медиумската кампања на политичките партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори.

-За оваа намена за Претседателските избори беа потрошени околу 3 милиони и 800 илјади евра. Сега во буџетот се предвидени нешто над 233 милиони денари, но во другите ставки имаме резерва да се дополнат некаде скоро до 400 милиони денари. Значи, има доволно средства. Сметам дека можеби ќе има потреба да се дополни оваа ставка, но ќе се обидеме тоа да го направиме со пренамена од останатите ставки каде ќе заштедиме, рече претседателот на ДИК Оливер Дерковски на денешната седница на Комисијата.

ДИК на седницата усвои и Планот за јавни набавки што се однесуваат и на редовното функционирање на Комисијата, но и за реализација на изборните активности. Сите набавки за изборните активности, рече Дерковски, согласно со законот треба да се направат во јануари и февруари и да бидат во редовна отворена постапка. Постапка може да се направи за една, за која ќе се побара мислење од Бирото за јавни набавки, а се однесува на гласачкиот материјал.

-Ова е од оправдани причини заради неможноста сега да го утврдиме ниту изгледот, ниту големината на гласачкото ливче. Не знаеме колку кандидатски листи ќе има, не знаеме точно ниту колку гласачки ливчиња ќе бидат потребни. Изгледот на ливчето ќе се знае кога ќе биде затворен избирачкиот список и на денот на пријавување, односно усвојување на апликациите на кандидатските листи на кандидати, рече претседателот на ДИК.

Како ќе постапат во однос на оваа набавка, укажа Дерковски, ќе зависи од мислењето кое ќе го добијат од Бирото за јавни набавки.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2020 15:47