Норвешката Влада е доведена во опасност откако денеска од владејачката коалиција се повлече десничарската Напредна партија откако беше дозволено во земјата да се врати од Сирија поддржувачка на терористичката „Исламска држава“.

Претседателката на Напредната партија Сив Јенсен ја соопшти одлуката по разговорите со раководството на својата партија и премиерката .

Осомничената поддржувачка на ИД, жена родена во Пакистан, вратена е во Норвешка во петокот вечер, заедно со своите две деца.

– Можевме да ги примиме децата, но не и да правиме компромис со луѓе кои учествувале во терористички организации, истакна Јенсен на прес конференција.

Владата одобри репатријација на тие три лица од бегалскиот камп Ал Хол во Сирија во октомври, носејќи ја одлуката врз основа на информацијата дека петгодишното момче е многу болно.

Јенсен истакна дека нејзината партија оценува дека направила премногу компромиси и оти по шест години и два месеци излегуваат од владината коалиција.

– Јас ја внесов Напредна партија во Владата. И сега ја вадам партијата од Владата. Го правам тоа бидејќи е единственото нешто што е исправно да се направи. потенцираше таа.

Сепак, Јенсен најави дека Напредна партија ќе ја поддржува малцинската Влада.

– Немаме желба да ја менуваме премиерката. Веруваме дека Солберг е вистинската личност да ја предводи земјата, вклучувајќи го и периодот кој доаѓа, потенцираше Јенсен.

Тоа значи дека Солберг ќе продолжи да биде премиерка на малцинска Влада, составена од Конзервативците на Солберг, заедно со централно-десничарската Либерална партија и христијанските демократи. Тоа го потврди и премиерката на посебна прес-конференција.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2020 21:25