Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го оцени како неконструктивно поднесувањето на околу 1000 амандмани на Законот за легализација на дивоградби од страна на опозицијата.

Поднесените амадмани, според Сугарески, не претставуваат подобрување на текстот на законот, туку свесно блокирање на законските решенија кои се во интерес на граѓаните.

– Пред донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, популарно Закон за легализација, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа околу 1000 амандмани со што свесно го закочија законот, со мала веројатност тој да се изгласа пред распуштање на Парламентот. Со тоа оставија преку стотина илјади граѓани во неможност да си ги легализираат нелегално изградените објекти, нагласи Сугарески на денешната прес-конференција.

Ги повика пратениците од опозицијата да покажат конструктивност и да се изгласа предложеното законско решение.

Сугарески очекува во текот на денот да ги види поднесените амандмани, а најавува дека ќе се обиде да разговара и да укаже дека ова што во моментот се случува е против интересите на граѓаните.

Прес-конференцијата на министерот следи по вчерашната седница на собраниската Комисија за транспорт и врски на која требаше да се разгледа ова законско решение, но поради големиот број поднесени амандмани, за него воопшто не стана збор. Претседателката на Комисијата Лилјана Затуровска најави дека продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

Според Предлогот, за легализација на дивоградби изградени заклучно со 1 октомври 2019 година, според Предлог-законот што го утврди Владата, ќе се плаќаат 100 проценти комуналии за објектот, како и казна во износ од 50 проценти од комуналиите, додека за бесправните електронски комуникациски мрежи надоместот ќе изнесува 10 евра по квадратен метар од изградена површина.

За оние кои поднеле барање според стариот закон ќе важат одредбите според кои за легализација ќе се плаќа по евро за квадратен метар.

Предлог-законот не ги опфаќа сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во списокот на Конвенцијата на УНЕСКО, во границите утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион како и станбените згради и нивните доградби и надградби.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2020 13:55