Мухамед Хариз Наѕим, тригодишно дете од Малезија, кое живее во Велика Британија, е најмладиот член на Менса.

Најстарата светска заедница на високоинтелигентни луѓе му упатила покана за членство на момчето, откако тоа освоило 142 поена на Стенфорд-бинет тестот за интелигенција. Притоа, тој добил просечна оценка 99,7 / 100.

– Секоја чест за Хариз поради повикот од Менса. Очигледно станува збор за бистро момче и ние сме воодушевени што можеме да му посакаме добредојде, изјави Џон Стивнеџ, извршен директор на британскиот огранок на меѓународната организација.

За некој да стане член на Менса, тој мора „да покаже дека, по висината на коефициентот на интелигенција, е меѓу врвните два отсто од светското население”, како што стои на нејзината официјална страница.

– Тој е, помалку-повеќе, типично тригодишно дете. Сака да црта и чита книги и сè што е поврзано со уметност. Посебно сака Лего коцки и пластелин. Горди сме и среќни за него. Тој не е добар само во академските вештини, туку сака и да се гали и игра, како и сите други деца. Ние знаеме дека во иднина, општеството ќе добие многу од него, вели неговата мајка Нур Анира.

Тестот на Менса, што се прави под надзор, е наменет за деца до 10 години и, другата верзија – за постари од десет и пол години. За децата под 10 години задолжителна е посета на психолог кој го одредува нивниот коефициент на интелигенција.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2020 15:56