Дополнителниот заменик министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во гостување во емисијата Што не е јасно на ТВ Алфа изјави дека страшен е податокот од Меѓународниот монетарен фонд во кој дури 37,7 проценти од економијата е во сина зона.
-Страшен е податокот на ММФ дека 37, 7 проценти од економијата е всушност во таа некоја сива зона и дефинитивно треба да се направи нешто по однос на ова прашање, меѓутоа се уште си го поставувам прашањето дали имаме доволна едукација од страна УЈП кон даночните обврзници, вели Димитриеска Кочоска.
Според неа потребно е од страна на Управата за јавни приходи да се направи прирачник за сите ново настанати фирми се со цел да не врши притисок врз бизнисот, укажувајќи дека мора претходно да има опомена за некоја настана грешка, а дури подоцна доколку не се почитува тоа да следува казна, бидејќи со такви сериозни казни фирмите не можат да функционираат и да работата.
-Пред неколку ден имав средба со една странка која што имала проблем со УЈП и вели ми се случи проблемот од незнаење, зошто прво не ме едуцираа. Сега јас разбирам дека УЈП не може да ја едуцира секоја фирма, но може од време на време да работи едукативно со новите фирми кои што се основаат, да поработи со нив затоа што земете во предвид дека имаме една група на бизниси и граѓани кои што можеби навистина не сакаат да платат, но има и такви кои што не сакајќи прават грешки, недоволно се едуцирани и ги прават тие грешки. Да им помогнеме и тоа значи мора прво со едукација зошто вие кога барате од некој нешто прво треба да бидете фер спрема него, да му објасните и кога тој некоректно ќе се однесува кон вас, дури тогаш да пристапите со казни. До тогаш прво да ги казнувате а да не сте им објасниле убаво е сериозен проблем. Така што јас никогаш не сум за таков сериозен притисок врз бизнисот, зошто при притисок ниту тие можат да функционираат и работата, изјави таа.
Во однос на растот на БДП, Димитриеска Кочоска посочи дека според податоците од Светска Банка, Република Македонија за 2019 година ќе има раст на БДП од 3,1 процент што е под просекот на Западен Балкан, што според неа е далеку од оној проектиран раст на БДП од страна на владата на СДСМ од 5 проценти.
-Во извештајот кој што го објави Светска банка за глобалните економски прегледи за 2020 година, кажува дека Република Македонија 2019 година ќе ја заврши со стапка на раст од 3,1 процент и ќе биде повторно под оној просек на Западен Балкан кој што согласно проекциите на Светска банка е 3,2 проценти. Исто така морам да потенцирам дека иако владата во континуитет зборува и се залагаше за 5 проценти стапка на раст на БДП, за жал ние во моментот имаме просек за последните три години стапка на раст од 2,3 проценти, што значи дека далеку се тие 5 проценти. Ако сакаме да ги видиме проекциите на Светска банка за во иднина 2020 година врз база на сето она што се случуваше во економијата изминатиот период, Светска банка вели 3,2 проценти стапка на раст на БДП, 2021 година вели 3,3 проценти, 2022 година 3,1 процент стапка на раст на БДП, далеку се тие 5 проценти кои што ги ветуваше СДСМ, вели таа.
Димитриеска Кочоска нагласи дека Република Македонија заостанува во стапката на раст на БДП во однос на земјите од Западен Балкан. Од друга страна кога ние имаме 3,2 проценти раст на БДП, Западен Балкан има 3,6 проценти, 2021 година има 3,3 проценти 2022 година 3,8 проценти.
-Што значи дека ние веќе заостануваме во однос на земјите на Западен Балкан. Знаеме кои се тие, жално е што Македонија заостанува, во некој друг период бевме и пред нив, а сега сме зад нив, потенцираше Димитриеска Кочоска.
Во однос на просечната плата, таа изјави дека растот на просечната плата не може да се гледа само од една страна, укажувајќи дека мора да се внимава на трошоците за живот кои што растат.
-Кога ја гледаме просечната плата, не можеме да гледаме од една страна. Што се случува со трошоците за живот? Дали тие растат, дали квалитетот на животот на граѓаните е подобар во однос на минатото или не, рече Димитриеска Кочоска.