Не се сметаме за загадувачи кои придонесуваат за нарушување на животната средина. Најодговорно тврдиме и кажуваме дека тоа не е така и многу ми е криво што има натписи по весниците и порталите од луѓе кои не ги провериле фактите и зборуваат како што мислат, изјави денеска генералниот директор на Цементарница УСЈЕ Борис Хрисафов на прес-конференција во просториите на Цементарницата.

Цементарница УСЈЕ, како што рече тој, произведува цемент што е основната работа. Главните суровини, вели, ни се тука, на 20 километри околу нас.

– Единствено нешто што увезуваме е резервни делови и нормално енергенси, затоа што Македонија нема соодветни енергенси кои можат да не задоволат за да го извршиме нашето производство. Енергенси увезуваме јаглен, алтернативни горива. Алтернативните горива се горива кои цела Европа ги користи. Ние сме дел од групацијата Титан и нешто што е веќе пракса во нашата групација, а многу повеќе години е пракса и во ЕУ и пошироко, рече Хрисафов.

Менаџерката за животна средина и алтернативни горива Наташа Бакреска вели дека употребата на алтернативните горива е пракса која е започната од средина на минатиот век во Европа и е во континуиран пораст.

– Моменталната употреба на алтернативните горива во цементната индустрија е околу 60 отсто замена. Следејќи ја таа практика што е востановена како најдобра достапна техника со документи изработени во истражувачки центри на ниво на Европа. Практично цементарите во Западна Европа имаат обврска дел од своите конвенционални горива да ги заменат со алтернативни горива. Во Цементарница Усје како алтернативно гориво се користи биомаса, таа ја земаме од кочанско од Македонија во моментот. Кога ја започнавме идејата, кога почнавме да бараме дозвола за се она зборуваме јавно, станува збор за преработени фракции од неопасен комунален отпад, рече Бакреска.

Генералниот директор посочи дека Цементарница УСЈЕ има право да гори исклучиво неопасен отпад.

– Во 2019, крајот на 2018 годна било пробно производство, декември месец и во 2019 година, од кои се потрошени 4.400 тона алтернативно гориво практично кое доаѓа од преработка на неопасен отпад. Цементарница УСЈЕ има право да гори исклучиво неопасен отпад, зошто е тоа така затоа што ние така побаравме. Другите цементари во цела Европа и во светот користат каков било отпад какво било гориво од каков било отпад. Познавајќи ја ситуацијата во Македонија и стравот на луѓето, во Македонија и практично незнаењето, неедуцираноста, ние одлучивме да не одиме подалеку него да одиме само до фракции со потекло од неопасен отпад и таков е увезен, вели Хрисафов.

Во 2019 година, согласно Интегрираната еколошка А дозвола, УСЈЕ започна со користење на алтернативни горива. Употребата на алтернативните горива спаѓа во групата на еколошки технологии.

– Ваквите технологии повеќе децении се користат во развиените индустриски земји и во Европската Унија и претставуваат едно од најефикасните решенија, покрај другото и за проблемот со ширењето на депониите за отпад. Во некои земји од Европската унија, употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е над 50 отсто од потребите за енергенси – Германија со 65 посто, Чешка 62 проценти, Белгија 53 посто, Полска 52 отсто, Шведска 48 отсто. Генералниот просек во Европската Унија изнесува 41 посто (2017 година). Во УСЈЕ, моментално, од вкупната количина на енергенси што ги користиме, на алтернативно гориво отпаѓа 4 посто. Употребата на АГ е определена како најдобра достапна техника со BREF документите и практично е обврска на секоја цементна фабрика, соопштија од Цементарница УСЈЕ.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/01/2020 16:40