На претстојната седница на Советот на Град Скопје ќе се разгледува предлог одлука за задолжување со заем од финансиска институција во висина од 150 милиони денари, за набавка на возила и опрема за јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта.“ Согласно оваа одлука предвидено заемот да се отплаќа во рок од 5 години од склучувањето на договорот за заем, со средства од Буџетот на Град Скопје.
Потребата за набавка на нови возила и опрема се јавува поради зголемените активности при работењето на двете јавни претпријатија, како и застареноста и недоволните количини на возила и опрема со кои располагаат.
Точните количини и спецификации за видот и типот на возилата и опремата која ќе се набавува ќе бидат прецизно утврдени во фаза пред отпочнување на јавната набавка, но во консултација со јавните претпријатија утврдена е потреба за набавка на камиони со опрема за зимска служба, возила за превоз на лица и алат, машини за бележење на улици, приколки за превоз на машини, багери, камиони кипери со различни бруто тежини, камиони со дигалки, мултифункционални машини и слично.
Согласно податоците од јавните претпријатија дел од овие видови на возила со кои располагаат се стари повеќе децении. Останатиот дел од предвидените возила и опрема за набавка се со целосно нови технологии и никогаш досега не биле набавени.
Возилата кои ќе се набават ќе овозможат огромни заштеди на основа на поретко сервисирање од причина што се работи за нови возила, како и заштеди на гориво, заштеди на средства кои досега биле исплаќани заради изнајмување на возила и машини кои биле неопходни за успешно и квалитетно вршење на редовните дневни обврски. Новите возила кои треба да се набават предвидено е да задоволуваат посовремени стандарди за заштита на животната средина од емисии на штетни издувни гасови.