На технолошкиот парк што се одржа во рамки на Светскиот економски форум во Давос учествуваше и Аријана Коскарова, која е основач на центарот „Creative Hub” во Скопје и Приштина и која се најде на листата на Форбс под 30. Таа воедно е и организатор на „Балканскиот претприемачки самит”.

Коскарова беше говорник на панелот за женски претприемачи на кој се зборуваше за женската економија и за интегрирањето на жената во бизнис светот.

– Особено ми е драго што најпрво Македонија имаше спикер на Технолошкиот парк во склоп на Светскиот економски форум. Покрај најуспешните луѓе во светот, имате и млади претприемачи жени од Македонија што е доволен пример дека ние го менуваме светот. На форумот зборувавме за женска економија, за интегрирање на жената во бизнис светот, за поддршката меѓусебна преку асоцијации, мрежи на контакти, за формирање фондови каде жени инвестираат во жени, а истиот ден токму од Давос, најголемата банка Голдман Сакс најави дека нема да инвестира во компании доколку во бордовите нема ниту една жена. Како жени мораме меѓусебно да си помагаме, да учиме од примерите, да бидеме подобри и да помагаме и на други да развијат претприемачки кариери, истакна Коскарова во својот говор.

Таа изрази надеж дека нејзиниот успех ќе биде доволен мотив во иднина да има повеќе говорници од земјава на најголемиот политички и економски форум во светот.

Коскарова е и автор на финтек апликација со успешен екзит во Хонг Конг и член во бордот на две блокчејн компании од Монако и Лондон. До крајот на годината во соработка со блокчејн компанијата Модекс се очекува да го отворi и хабот Блокчејн Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/01/2020 15:38