Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) најави дека во соработка со граѓанскиот сектор бара консултант за развој на заедничка методологија за мониторинг на хидроенергијата во Албанија и Македонија.
Во соопштението на ЕБОР се посочува дека ангажманот на консултантот ќе почне во текот на првиот квартал на 2020 година и ќе трае 18 месеци.
Според ЕБОР, проектот предвидува развој на методологија за мониторинг на хидроенергијата во Албанија и земјава и усогласување протокол за следење меѓу релевантните заинтересирани страни.
Се проценува дека целиот проект ќе чини 120.000 евра, средства што ќе бидат обезбедени од посебен фонд на Банката.
– Проектот го поддржува пристапот на ЕБОР за инвестициски проекти во хидроенергетскиот сектор, односно за користењето на највисоките еколошки и социјални стандарди и воведување позитивни меѓународни практики во овој сектор, како и за помош во планирањето на одржлив хидроенергетски развој преку политики и иницијативи за техничка соработка, соопшти ЕБОР.
Иако, хидроенергијата потекнува oд обновливите енергетски извори, ЕБОР сепак посочува дека изградбата и работењето на хидроцентралите предизвикаа загриженост околу загрозување на животната средина, особено на водните ресурси и како и поради влијанијата врз екосистемите и биолошка разновидност.
– Повеќето хидроцентрали (во регионот) се со мала или средна големина, но сепак нивниот број и изградба во области со голема еколошка вредност, претставуваат предизвици за животната средина, наведува Банката.