Белгискиот закон за заштита од дискриминација ќе биде проширен за да ги вклучи жените од хомосексуални бракови, како и татковците на родителско отсуство.

Законот за заштита од дискриминација во својата ревидирана форма ќе ги вклучи татковците кои сакаат да ги земат десетте дена родителско отсуство што им ги гарантира законот. Заштита против овој вид дискриминација не постои за мажите, само мајките имаат загарантирана законска заштита. Работодавците теоретски можат да одбијат родителско отсуство за мажите без да го прекршат законот.

Со новиот текст им се обезбедува на татковците оваа гаранција. Десет отсто од мажите земаат родителско осуство во Белгија.

Здружение на семејствата на Белгија ја поздрави одлуката, но изрази жалење што не е воведено задолжително родителско отсуство за татковците.

Законот отсега ќе ги штити и таканаречените „ко-родителки“ односно родителите во хомосексуални бракови. Засега законот ја третира партнерката во хомосексуален брак или партнерство како татко, а не како мајка. Со законските измени жените „ко-родителки“ ќе имаат право да бараат ист статус и исти права за родителско отсуство како и биолошката мајка.

Конечно ќе вклучи и заштита од дискриминација за жените кои дојат, без разлика на местото или приликите во кои се наоѓаат како и мажите и жените кои се во процедура за медицински асистирана репродукција, како на пример ин-витро оплодување.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2020 20:05