За време на расправата што се одржа денеска во Стразбур, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) изрази загриженост за состојбата на децата во Сирија и Ирак чии родители, за кои се смета дека и се заколнале на верност на ИД, се државјани на земји членки на Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Во усвоената резолуција се посочува дека овие деца, напуштени во кампови и центри за притвор, живеат во ужасни услови, немаат храна, пристап до вода за пиење, медицински услуги и се изложени на ризици од насилство, експлоатација и сексуална злоупотреба и радикализација.

Истакнувајќи ја „екстремната поларизација на мислењата за репатријација на овие деца во земјите членки“, парламентарците потсетија дека тие не се одговорни за постапките на нивните родители, ниту за ситуациите во кои тие се наоѓале. Имајќи предвид дека земјите членки ја ратификуваа Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето, тие „се обврзаа да гарантираат дека децата погодени од вооружен конфликт имаат заштита и за нив е потребна грижа“.

ПССЕ исто така препорача Комитетот на министри и Европската унија да се грижат за борбата против тероризмот, да се занимава со прашања во врска со децата, да ги става во прв план најдобрите интереси на детето и да обезбедуваат соодветна заштита на детските права.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2020 20:08