Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски, кој во изјава за медиумите неосновано тврди дека македонскиот пазар е преплавен со фалсификуван неквалитетен мед по потекло од Кина и дека истиот се продава во маркетите.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и заштитата на правата на потрошувачите, најодговорно тврдиме дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед по потекло од Кина. Увоз на мед од оваа земја не е реализиран ниту лани, ниту во 2018 година.

Од лани увезените 35 пратки со мед, со вкупна количина од 220 515 килограми, најголемите количини, или 29 пратки тешки 156 238 килограми се по потело од соседна Србија. Три пратки со вкупна тежина од 63 000 килограми минатата година се увезени од Молдавија, една пратка со 1 151 килограм мед е од Австралија и една од Франција, со тежина од само 126 килограми.

Сите пратки со мед кои се увезуваат во земјава подлежат на задолжително лабораториско испитување при влез во земјава со цел контрола на резидуи и контаминенти, одредување на квалитетот на медот, начинот на пакување и означување и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. Од сите земени мостри од увозните пратки со мед, досега не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, односно медот кој се увезува во земјава е безбеден и квалитетен.

Во 2018 година, во земјава увезени биле вкупно 420 649 килограми мед, најголеми количини или 252 000 килограми од Молдавија, 168 504 килограми од соседна Србија и 145 килограми мед по потекло од Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2020 17:19