Започна исплатата за второто тримесечје на „МојДДВ“. На сметките на апликацијата МојДДВ кои скенирале фискални сметки во месеците октомври, ноември и декември 2019 година, ќе бидат исплатени 3.871.000 евра, објави попладнево директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на својот Фејбук профил.

– Управата за јавни приходи уште еднаш апелира до граѓаните да ги проверат своите трансакциски сметки и доколку има грешка во внесувањето, да ја коригираат со цел навремена и ефикасна исплата, напиша Лукаревска.

Според податоците што таа ги објави, во периодот од 1 јули лани до 31 јануари годинава апликацијата МојДДВ ја користеле 236.442 корисници, а скенирани се 66,885 милиони фискални сметки. Остварен е промет од 32,456 милијарди денари. Вкупно остварниот ДДВ е 3,512 милијарди денари, а повратот на ДДВ е 526,8 милиони денари или 8.567.000 евра.

Само во јануари годинава има нови 23,387 корисници на апликацијата и вкупниот поврат на ДДВ заклучно со 31 јануари изнесува 1.724.000 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/02/2020 18:22