Министерството за економија вчера го објави јавниот повик за поддршка за занаетчиството, денеска за туризмот, а утре ќе биде објавен повикот за субвенции за печки на пелети, кои се предвидени во годишните програми, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Во делот на занаетчиството, рече Бектеши на прес-конференција, беа објавени јавни повици за три мерки: субвенционирање на занаетчии, субвенции за трошоци за ангажирање на чираци што е нова мерка и кофинансирање на проекти за занаетчиски комори за развој и промоција на занаетчиството.

-За субвенционирањето на занаетчии предвидено е кофинансирање до 50 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 180.000 денари за набавка на опрема и алати, уредување или подобрување на деловниот простор. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 4,5 милиони денари. Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е25 мај, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, рече Бектеши.

За мерката субвенционирање на трошоци за ангажирање на чираци исплатени како надоместок за ангажирање на чирак, додаде, ќе се субвенционираат 75 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 30.000 денари по апликант. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 300.000 денари, а огласот трае до 20 јули. Исплатата ќе биде по принципот „прв дојден, прв услужен“.

-За мерката кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството предвидено е кофинансирање на 75 отсто од трошоците за реализација на проекти на занаетчиските комори кои се однесуваат на развој и промоција на занаетчиството како што се организирање наобуки, поттикнување на креативни занаети, организирање нафоруми, промотивни активности,… Максималниот износ за кофинансирање на трошоците по проект изнесува 250.000 денари, а буџетотза оваа мерка изнесува 1,74 милиони денари. Крајниот рок з ааплицирање е 30 април, информираше министерот.

Во однос на туризмот, потенцира, објавени се јавни повици за три мерки и тоа за субвенции за селски домаќинства, за поддршка на манифестации, проекти и бизнис форуми од интерес на развојот на туризмот и за пријавување на интерес од страна на угостителските објекти за сместување за прием на гости за мерката Одмор за работници со ниски примања.

-За првата мерка се кофинансираат до 60 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари кои ќе се направат за уредување и опремување на објектот согласно традицијата на крајот во кој се наоѓа. За поддршка на манифестации, проекти и бизнис форуми од интерес на развојот на туризмот се кофинансираат дел од трошоците за организација на манифестации, проекти и бизнис форуми кои имаат туристички карактер, а се во интерес на развој на туризмот. Последниот јавен повик се однесува за пријавување на угостителските објекти за сместување за прием на гости за мерката-Одмор за работници со ниски приходи, посочи Бектеши.

Последната мерка за која јавниот повик ќе биде објавен утре се однесува за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои домаќинствата ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.

-Согласно овој јавен повик е предвидено на граѓаните кои ќе купат печки на пелети да им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство за 2020 година. Вкупниот износ на средства кој се предвидено во овој јавен оглас е 11 милиони денари. Како и на претходниот оглас, воедно со овој јавен повик се дава можност за надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 70отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство, за категоријата на лица со ниски примања. За овој вид на апликанти предвидено се три милиони денари, рече Бектеши.

Право на учество, додаде, ќе имаат лицата кои ќе купат печка на пелети во своето домаќинство во периодот од 1 јануари 2020 година заклучно со 6 март 2020 година и ќе ја достават потребната документација наведена во јавниот оглас. Субвенцијата ќе се доделува по принципот „прв дојден, прв услужен’’.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2020 15:32