ЖРСМ Транспорт АД-Скопје соопшти дека прекинот на железничкиот сообраќај што стартуваше изутрина во седум часот е незаконски. Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал Душко Чакаровски, без да достави соодветна документација, се претставува како претставник на целокупниот машински и извршен персонал во претпријатието и незаконски поттикнал и предизвикал прекин на железничкиот товарен и патнички сообраќај, стои во соопштението.

Раководството на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, според соопштението, во изминатиот период одржало повеќе состаноци со синдикатот на кои било укажано дека побарувањата од машинскиот и извршен персонал за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, се надвор од финансиските можности на Друштвото.

Железничкото претпријатие го соопштува износот на исплатените плати во просек за машиновозачите, односно во октомври вкупната нето плата со исплатен трошок за километар изнесувала 44.995, во ноември 44.070, а во декември 47.665 денари. – Ова е просек за сите машиновозачи во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и тој е далеку над просекот на плата што се исплаќа во државата, напоменуваат од Железници Транспорт и додаваат дека наспроти тоа платата на дипломиран инжинер во Железници Транспорт кој не е на раководна функција изнесува 26.000 до 27.000 денари.

– Во Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје т.е. од одредбите од член 207 до член 214, кои се однесуваат на правната категорија – штрајк во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, како и наша Тековна состојба од ЦРСМ од која може да видите дека Друштвото е основано од Владата на Република Северна Македонија и дека врши дејност од посебен општествен интерес, а тоа е меѓународен и внатрешен транспорт на стоки и патници со железнички превозни средства, наведуваат од железничкото претпријатие и дополнуваат дека платата за декември за сите вработени во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје е покачена за пет проценти.

Останатите синдикати во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, стои во соопштението, не го подржуваат штрајкот предводен од машиновозачот Чакаровски.

Тој пак сподели известување што од раководството е адресирано до сите синдикати и раководители на одделенија во претпријатието, а во кое е наведено дека прекинот е незаконски и оти се известуваат вработените дека одбивањето да вршат тековни работни задачи претстаува потешка повреда на работна обврска согласно со член 48 и член 49 од Колективниот одговор на ЖРСМ.

Како што изјави за МИА Чакаровски, барањето за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, им е врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал. Надомест од 40 проценти им бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година. Зад организацијата на бојкотот на работата, тврди Чакаровски, не стои ниту една синдикална организација, односно во него се вклучиле 99 проценти од машинскиот персонал од различни синдикати, но и работници кои не членуваат во синдикатите.

Претходно министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелираше машиновозачите да продолжат со работа, истакнувајќи дека е подготвен повторно да преговара со нив, но, како што вели, не по цена на уцени и нарушување и штета на работењето.

Треба да продолжат со работа, сите треба да се покажеме државно општествено одговорни затоа што секој застој таму на сите бројни проблеми што ги има 30 години во делот на долговите коишто ги имаат, да не се прават нови, бидејќи тоа е интерес и за државата и за нив, изјави Сугарески.

Поради бојкотот на машиновозачите, што стратуваше изутрината во седум часот, во целосен прекин се и товарниот и патничкиот сообраќај. Со возниот ред во патничкиот сообраќај се предвидени сообраќања за Велес за Битола, Кочани, Гевгелија, Кичево и Табановце.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/02/2020 18:04