АД ЕСМ вложи 700.000 денари, донација за опремување на кабинет во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ која денес слави 75 години од одржувањето на првиот наставен час на современ македонски јазик.
На свеченоста во гимназијата, генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека компанијата освен производство на електрична енергија и реализација на капитални инвестиции во своите производни единици, како свои приоритети ги има зачувувањето на животната средина и одговорниот однос кон заедницата.
Општествената одговорност, рече Ковачевски, за нас претставува инвестиција во развојот на општеството и затоа АД ЕСМ во рамки на можностите ги помага проектите од хуманитарен аспект, младите и образованието, културата и традицијата.
-Нашата инвестиција во гимназијата „Јосип Броз Тито“ содржи оплеменување и збогатување на една училница, а ја реализираме на барање на Советот на родители. Инвестицијата е во вредност од над 700.000 денари кои се вложени во целосно реновиран кабинет со нова опрема, столици и клупи, инвентар и се друго што е потребно за современа настава во гимназијата со што е обезбеден нов лик на една европска училница во објект стар 138 години, истакна Ковачевски.
Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ учат околу 700 ученици кои постигнуваат високи резултати и успеси на национално и меѓународно ниво, редовно се прво или второ рангирани на државната матура, а бележат и други постигнувања со поддршка на наставниот кадар, рече меѓудругото Фани Наумовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.