Новиот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Одион Игало, денес нема да патува со тимот во тренинг-кампот во Марбела, Шпанија, поради загриженост во врска со мерките за контрола за спречување на епидемијата на коронавирус.

Игало беше привлечен од „црвените ѓаволи“ на крајот од јануарскиот преоден рок од кинескиот клуб Шангај Шенхуа и пристигна во Манчестер на почетокот на февруари. Денес, менаџерот Оле Гунар Солскјeр и неговите пулени заминуваат на камп во Марбела, но Игало нема да патува со нив. Причината е што клубот е загрижен што Велика Британија може да ги заостри мерките за безбедност поради ширењето на коронавирусот во наредните денови и дека нигерискиот репрезентативец нема да добие право да се врати во земјата по крајот на кампот, бидејќи сè уште не истекле 14 дена од престојот на Игало во Кина.

– Секако дека би сакал да дојде и да се запознае со другите играчи, но ние не сакаме да го преземеме тој ризик, изјави Солскјер на официјалната веб-страница на Манчестер Јунајтед.

Во наредните денови Игало ќе има индивидуални тренинзи во клупската база Карингтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2020 15:02