Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари средба со амбасадорот на Република Турција во Македонија, Хасан Мехмет Секизкок.

На средбата се разговараше за актуелните политички случувања, престојните парламентарни избори и стратешките интереси на Република Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана на членството во Европската Унија што претставува клучен стратешки интерес за државата и дека ВМРО-ДПМНЕ има план и модалитет како да ја стави Македонија на брзата трака за членство во Унијата.

Што се однесува на Законот за јавно обвинителство тој посочи дека СДСМ преку уцени и закани наместо реформски закон, сака на шверцерски начин да протурка законско решение кое ќе значи амнестија за криминалот на власта.

Во однос на престојните парламентарни избори соговорниците се согласија дека фер и демократскиот процес ќе биде клучен за иднината на државата и дека волјата на граѓаните мора да се почитува.

Мицкоски посочи дека Република Турција е голем пријател на Република Македонија и дека односите помеѓу турскиот и македонскиот народ се исклучително добри. Соговорниците се согласија дека односите помеѓу двете држави се на одлично ниво, но потенцираа дека постои простор за нивно натамошно продлабочување.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2020 22:49