Новата американска контраразузнавачка стратегија за периодот 2020-2022 година формулира пет задачи, а први на списокот закани се Русија и Кина. Документот е објавен од Националниот центар за контраразузнавање и безбедност, пренесоа агенциите.

„Расте бројот на играчи кои во САД се следат. Русија и Кина дејствуваат низ целиот свет и ги користат сите инструменти на својата национална моќ против САД, а освен тоа располагаат и со широк спектар на современи разузнавачки можности“, се наведува во документот.

Кон оваа главна закана се додадени и Куба, Северна Кореја, Хезболах, терористичките организации Исламска држава и Ал Каеда, како и транснационалните криминални организации. Ова е прва од трите тенденции во актуелната ситуација од гледна точка на американското контраразузнавање.

Втората тенденција е користењето на се посложени средтсва од овие играчи. Посебно внимание се посветува на биометричките уреди, автономни системи, направи со висока уништувачка способност, усовршените механизми за криптирање и набљудување, како и анализа на податоците.

„Овие технологии отворија нови можности за противниците да ги искористат информациите како стратегиски ресурс за постигнување на своите цели во областа на економската сигурност и вршењето притисок врз своите конкуренти“, се додава во стратегијата.

Третата тенденција е користењето на споменатите инструменти во однос на поширок спектар цели и ранливости. Целта на странските разузнавачи, според авторите на документот, се поголемиот дел од американските министерства и агенции, лаборатории, финансискиот сектор, индустриските компании итн. Некои активности на странските разузнавања се насочени кон нарушување на функционирањето на критичната инфраструктура и воени капацитети во случај на криза, се наведува во стратегијата.

„Јавното мислење во САД и меѓу сојузниците, исто така, е подложно на странско влијание“, се забележува во документот.

Сето ова се заканува да ја поткопа американската воена предност, вклучувајќи ја и Вселената, како и „да ја поткопа целоста, доверливоста и автентичноста на американските производи и услуги“, пишуваат авторите.

Во овој контекст американските контраразузнавачи формулираат пет цели на нивната работа:

-Заштита на критичната инфраструктура;

-Намалување на заканите за клучните синџири на испораки;

– Противдејство на експлоатацијата на американската економија;

– Заштита на американската демократија од странско влијание;

– Противдејство на кибер и техничките активности на странското разузнавање.

Белата куќа вчера го соопшти буџетот за фискалната 2021 година, во кој Кина и Русија, исто така, се определени како главните закани.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2020 11:54