Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не гледа причина за натамошно учество на пратениците од партијата што ја предводи во Парламентот поради отстапувањето од политичкиот договор денеска да биде распуштено Собранието.

-Навистина не ја гледам повеќе потребата од учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Во текот на денов ќе имаме Извршен комитет, ќе разговараме на оваа тема и јавноста ќе биде навреме информирана за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска Мицкоски на новинарско прашање што ќе преземат со оглед дека досега не е прифатено нивното барање законодавниот дом да се распушти денеска.

Мицкоски порача дека не треба да се отстапува од постигнатиот политички договор за термините за распуштање на Собранието и за избори.

Во однос на предлогот од премиерот Оливер Спасовски за разрешување на министерката за труд Мизрахи, кадар делегиран од ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада, апелира на разум и достоинственост, како и дека не е принципиелно ниту пак согласно со Законот за Влада. Смета дека тоа се политички маневри и предупредува дека може да ја однесат државата во тешко политичко сценарио.

– Во услови кога имаме една дузина луѓе соработници на Оливер Спасовски за кои што постои сомнеж за сторен криминал или некако се поврзуваат со сторен криминал, ние да зборуваме за предлог на Спасовски за разрешување на Рашела Мизрахи навистина, ниту е принципиелно, ниту пак е согласно Закон за влада, особено сега кога станува збор за 60-тина дена до гласање на предвремените парламентарни избори. Би апелирал за разум, за достоинственост, свесни се дека губат, јас ја разбирам нивната нервоза знаат дека одговорност следи после 12 април, изјави Мицкоски.

Апелира Спасовски да се воздржи од, како што рече, какви било политички маневри, слугувања на СДСМ и да го гледа државниот и националниот интерес и свесно да не ја внесува државата во едно политичко тешко сценарио. Има 60-ина дена до денот на гласање, колку толку да има елементарни услови за денот на 12 април да има пристоен избирачки ден, рече Мицкоски, при посетата на МАСИТ.

Прашан дали токму предлогот за разрешување на Мизрахи ќе го одолговлечи распуштањето на Собранието, Мицкоски кажа дека ќе биде чесно денеска парламентарно мнозиснтво да се охрабри, да се собере и да се распушти Собранието како што е договорено.

– Не е добро, ниту за државата, вака по пат на насилство да се туркаат работите. Политички договор постои и тој треба да се почитува. Имаме 60 дена до денот на гласање, колку толку барем да имаме елементарни услови за пристоен изборен ден на12 април. рече Мицкоски.

Како што нагласи, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи гласањето за законот за одбрана во Собранието, доколку владејачкото мнозинство интервенира амандмански во делот за примена на Армија.

– Тој закон е спротивен на интересите на државата и апсолутно не кореспондира со потребите на државата. Реалноста како што гледате не ја игнорираме, но истовремено нова реалност нема да создаваме во оваа држава, така што доколку парламентарното мнозинство сакаше тој закон да биде поддржан во Собранието знаеше како треба да интервенира амандмански во делот на примена за Армијата. Така што, доколку се случи тоа зошто да не, ќе го поддржиме, рече Мицкоски.

Според него, не е контрадикторно тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за Протоколот за НАТО иако партијата вели дека не го почитува Договорот од Преспа и новото име на државата.

– Воопшто не е контрадикторно, ние сме зрела политичка партија која што се грижи за интересите на граѓаните и државата. Ние рековме дека ние сме биле и сме против договорот од Преспа кој што создаде една друга реалност како резултат на капитулантските политики на тогашното раководство во оваа држава. Кога би биле ние како нив тогаш би биле деструктивни. Ние велиме, не, таа реалност е таа, но нема да создаваме нова реалност која што ќе биде резултат на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, наше демократско право е и никој не може да ни го забрани тоа право во 21 век, да се бориме таа неправда која што е резултат на тој договор да ја исправиме. Дали ќе успееме не знам, времето ќе покаже. Ќе бидеме сведоци и можеби повторно ќе го коментираме сето тоа. Но ние реалноста не ја игнорираме, она кое што било потреба на ВМРО-ДПМНЕ и во рамките на статутот на партијата, заложба со децении наназад била оваа држава да ја видиме еден ден членка на НАТО алијансата и Европската Унија, рече Мицкоски.

Ги исполнивме, дополни, сите критериуми, услови достоинствено и пристојно да бидеме дел од НАТО алијансата и да почнеме преговори со ЕУ уште во 2009 исправени достоинствени. Жалам и тажно е што подведени, омаловажени и како што би рекол овој екс премиер со наведната кичма моравме вчера да се доведеме во една ваква ситуација. Но, како што кажав реалноста не ја игнорираме, нова реалност нема да создаваме, а ќе се бориме се што е во наша моќ оваа реалност да ја промениме. Тоа е наше право кое што ни го гарантираат сите одредби на Обединетите нации, тоа е наше право кое што ни го детерминира интересот на нацијата и интересот на државата, наведе Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/02/2020 16:00