Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе сведочи пред Одбор на германскиот Парламент што истражува дали имало престапи во ангажирањето надворешни експерти во Министерството за одбрана во времето кога таа била министерка.

Истрагата во парламентот треба да утврди дали се почитувани процедурите при склучувањето аранжмани со надворешните експерти за работа во министерството.

Опозициските пратеници, исто така, поставија прашање за бришењето податоци од два мобилни телефони што Фон дер Лајен ги користела, јавуваат американските медиуми.

Таа кажала дека телефоните ги вратила во министерството и дека не знаела дека податоците се избришани.

Со сведочењето на Фон дер Лајен ќе биде завршено изведувањето сведоци, во текот на кое за околу една година беа сослушани околу 30 лица.

Фон дер Лајен беше министерка за одбрана на Германија од крајот на 2013 година до неочекуваната номинација за шефица на Европската комисија, во јули минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2020 13:57